Кошта: Разумно е Северна Македонија да добие гаранции дека нема да има нови услови на патот кон ЕУ

7

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, оцени дека е разумно Северна Македонија да добие гаранции оти нема да се поставуваат нови услови на нејзиниот европски пат по исполнувањето на веќе договорените. Тој порача дека градењето доверба е клучно за напредокот на процесот.

„Многу е важно да се изгради доверба и да ѝ се даде гаранција на Северна Македонија дека она што го бараме сега е сè што бараме, а не дека ќе има дополнителни услови во иднина. Тоа е разумно“, изјави Кошта на прес-конференција со бугарскиот премиер Росен Желјазков во Софија.

Тој ја истакна потребата од практична соработка меѓу Скопје и Софија, особено во делот на инфраструктурата и транспортните коридори, што би придонело за подобра поврзаност, развој на економиите и зајакнување на довербата.

Истовремено, Кошта потсети дека Северна Македонија мора да ги исполни преземените обврски, вклучително и уставните измени, за да може да ги отпочне преговорите со ЕУ. „Она што е договорено, е договорено. И тие треба да испорачаат“, нагласи тој.

Претседателот на Европскиот совет додаде дека ја разбира фрустрацијата на земјата, која досега го сменила Уставот, знамето и името, но оцени дека сега е потребно процесот конечно да се конкретизира.

Makedonski