Путин: Западните трупи во Украина би биле легитимни цели за Москва

4

Рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека секоја западна воена сила која би била распоредена во Украина ќе биде сметана за легитимна цел на Москва. Изјавата доаѓа во момент кога западните сојузници на Киев разговараат за можни идни безбедносни гаранции за земјата, пренесе „Ројтерс“.

Изјавата на Путин следеше ден по најавата на францускиот претседател Емануел Макрон, дека 26 земји се обврзале да обезбедат долгорочни безбедносни гаранции за Украина, кои може да опфатат и распоредување меѓународни сили на копно, море и воздух.

Русија долго време тврди дека нејзината инвазија имала цел да го спречи приклучувањето на Украина кон НАТО и распоредување на западни сили во земјата. „Ако се појават трупи таму, особено сега за време на воени операции, ќе ги третираме како легитимни цели за уништување“, истакна Путин на економски форум во Владивосток.

Истовремено, тој додаде дека, доколку се постигне мировен договор, не гледа причина за присуство на странски трупи на украинска територија. „Мора да има безбедносни гаранции и за Русија и за Украина, но досега никој сериозно не разговарал со нас за тоа“, рече Путин.

Западните сили веќе разгледуваат различни опции за гарантирање на украинската безбедност. Франција и Велика Британија сигнализираа дека би можеле да испратат трупи во Украина по завршувањето на војната, додека американскиот претседател Доналд Трамп исклучи распоредување копнени сили, но најави дека Вашингтон може да понуди воздушна поддршка.

Трамп, кој стапи на функција во јануари со ветување дека ќе стави крај на војната, минатиот месец беше домаќин на самит со Путин во Алјаска, но средбата заврши без конкретен напредок.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и понатаму инсистира на директни преговори со Путин, оценувајќи дека тоа е клучниот чекор за ставање крај на најсмртоносниот конфликт во Европа во последните осум децении.

Makedonski