ЦУК: Четири пожари активни утрово, сите ставени под контрола
До 10 часот утрово, на територијата на Македонија се регистрирани четири пожари на отворен простор, но сите се ставени под контрола, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Во општина Македонски Брод, во подрачјето „Јасен“, гореше мешана шума. Брзата интервенција спречи ширење на пожарот, а екипите сега работат на целосна санација.
На планината Кожуф, во општина Гевгелија, се појави приземен пожар кој бил локализиран без поголеми последици.
Во селото Долгаец, општина Долнени, огнот зафати мешана шума и претставуваше најголем ризик за поширокото подрачје, но со ангажирање на локалното население и екипите од терен пожарот е стабилизиран.
Во Делчево, пожар ја зафати градската депонија, при што чадот и непријатниот мирис се почувствуваа во околината, но огнот е под контрола и нема опасност од негово ширење.