Филипче: Лозарите оставени без поддршка, Владата работи за големите винари
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска во Кавадарци се сретна со лозарите и порача дека тие се оставени сами без поддршка од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
„Разговорите што ги имав со лозарите се загрижувачки. Лозарството е извозно ориентирана гранка со која се гордееме, а денес, после 15 месеци власт на ВМРО-ДПМНЕ, лозарите се оставени сами, без никаква помош“, рече Филипче.
Тој истакна дека откупната цена е зголемена за само половина денар по килограм, и тоа во услови на енормно зголемени трошоци. Според него, дополнителен проблем е што Владата не ја објавила производствената цена до 15 јули, како што налага законот, а укинати се и повеќе форми на поддршка – зелена нафта, авансни исплати и субвенции за квалитетно грозје.
Филипче потсети дека во време на СДСМ земјоделците имале „вистинска поддршка“, со над 900 милиони евра субвенции, грантови за млади земјоделци и висока искористеност на европските фондови.
 
			