Вардар денеска го дочекува Пелистер во првото сезонско дерби: Во „Јане Сандански“ никој не е фаворит против нас

Македонскиот ракометен шампион Вардар 1961 влегува во најголемото домашно дерби против Е. Пелистер со јасна порака — во салата „Јане Сандански" победата е единствена опција, без оглед на името на противникот или тренерот на спротивната страна.

3

Во првото сезонско дерби во Суперлигата на Македонија, Вардар 1961 ќе го дочека Е. Пелистер пред домашна публика во „Јане Сандански”. Тренерот на „црвено-црните” не крие дека станува збор за натпревар од посебно значење.

„Ова е најголемото македонско дерби, како и на Балканот. Играме дома, се надеваме на полна сала, добра атмосфера од навивачите и да продолжиме со победите. Ова е маратон, има уште многу до крајот на сезоната, ама секој бод многу ни значи”, изјави тренерот на Вардар.

„Фаворити сме — тоа ни е ДНК на клубот”

По гостувањето во Охрид, Вардар се враќа дома за дуел со најголемиот ривал. Тренерот е дециден дека во „Јане Сандански” улогата на фаворит секогаш им припаѓа на домаќините.

„Вардар секогаш дома е фаворит во мојата глава. Така сме се поставувале секогаш, тоа ни е ДНК на клубот. Кој и да дојде во „Јане Сандански“ треба да знае дека тука тешко се победува. Оваа сала и навивачи тоа го очекуваат од нас и мора да продолжиме на тој начин”, порача тој.

Победнички дух и клупски интереси пред сè

Тренерот нагласи дека амбициозноста на соблекувалната била една од првите работи што ги забележал по доаѓањето во клубот.

„Победничкиот дух во овој тим е присутен. Секогаш сакам да имам тим кој сака да победува, да се подреди на клубот и резултатите. Како јас, така и играчите покажуваме секој ден дека може да се работи така — тим кој ги става клупските интереси пред своите”, истакна тој.

Предноста на ритмот и домашниот терен

Стратегот на Вардар смета дека густината на натпреварите и искуството од големите средби им даваат предност пред Пелистер.

„Многу ми е мило да играме со најдобрите, големи натпревари и во силен ритам. Така се добива на квалитет, се напредува и се воигрува. Не можеш да се подготвиш во припреми како што можеш низ натпревари. Мислам дека тоа ни е нашата предност пред Пелистер. Втората е секако „Јане Сандански“ — тука и поголеми тимови од Вардар и Пелистер играле тешко”, објасни тренерот.

Почит за Лино, но само Вардар е важен

Дуелот добива дополнителна димензија со присуството на Лино Червар, најтрофејниот хрватски тренер во историјата, на клупата на Пелистер. Тренерот на Вардар изрази длабока почит кон својот колега, но нагласи дека на теренот сентиментите немаат место.

„Многу го почитувам Лино. Тој е најтрофеен хрватски тренер во историјата, искусен тренер кој мина сè во животот. Немам некое посебно чувство — не од непочитување, туку неважни се Лино и Иван, важно е само Вардар да победи в недела. Ние сме тука само за да помогнеме тимот да остане каде што му е местото”, заклучи тренерот на македонскиот шампион.

Дерби дуелот меѓу Вардар 1961 и Е. Пелистер е закажан за денеска во салата „Јане Сандански”, а се очекува полна сала и атмосфера достојна за најголемото македонско ракометно ривалство.