Вториот круг во Брвеница: Излезноста до 9 часот порасна на 3,98 отсто, гласале 646 граѓани
Одзивот на гласачите во вториот круг од предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница е зголемен за 1,52 процентни поени во споредба со првиот круг, информираше Државната изборна комисија.
Според првиот пресек на податоците пристигнати во ДИК, излезноста до 9 часот изнесува 3,98 проценти, односно своето право на глас го оствариле 646 граѓани. Ова претставува зголемување од 1,52 процентни поени во споредба со првиот круг одржан на 18 октомври, кога до истиот час гласале 400 граѓани, односно 2,46 проценти од запишаните избирачи.
Најголема излезност до 9 часот е регистрирана на избирачкото место 2037, каде што гласале 8,7 проценти од избирачите, додека најмала излезност има на избирачкото место 2048, со само 1,25 проценти.
Мирен изборен процес
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска-Алексовска, информираше дека гласањето започнало во 7 часот и дека сите избирачки места биле навремено отворени.
„Засега изборниот процес се одвива во мирна атмосфера”, посочи Тодоровска-Алексовска.
На предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница, граѓаните избираат меѓу двајца кандидати, а право на глас имаат вкупно 16.256 избирачи кои гласаат на 24 избирачки места.
Информации за гласачите
Од ДИК потсетуваат дека и во вториот круг е достапна бесплатната телефонска линија 0800 555 44, на која граѓаните можат да добијат информации поврзани со остварувањето на избирачкото право. За лицата со оштетен слух достапен е бројот 076 488 360, преку кој можат да добијат информации на знаковен јазик со видеоповик.
Следната прес-конференција на ДИК е најавена за 11:30 часот во општинската зграда во Брвеница, каде што е сместена и Општинската изборна комисија. Јавноста редовно ќе биде информирана за текот на гласањето и излезноста преку прес-конференции и соопштенија.