Пет нови дигитални платформи за животна средина: Од мапирање диви депонии до јавен регистар на загадувачи
Министерот за животна средина Муамет Хоџа најави лансирање на пет дигитални платформи кои ќе им овозможат на граѓаните увид во емисиите на загадувачите, локациите на диви депонии, статусот на административните предмети и сите проекти на министерството.
Министерот за животна средина Муамет Хоџа денеска го претстави амбициозниот план за дигитализација на секторот, кој предвидува пет нови онлајн платформи со податоци за состојбите во животната средина.
„Дигитализацијата е алатка за транспарентност и правда, каде што завршува неефикасноста на системот и блијанијаата на човечкиот фактор. Податоците ќе се користат за борба со еколошкиот криминал и ќе бидат достапни на сите граѓани”, изјави Хоџа.
Покрај новите платформи, министерството најави и скратување на околу 30 чекори во административните постапки.
Петте платформи — од „Темели” до „Воздух”
„Темели” — првата платформа ќе им овозможи на граѓаните, медиумите и граѓанските организации целосен увид во проектите на Министерството, нивната вредност, роковите, локациите и изворите на финансирање.
„Јадро” — опфаќа дигитализација на архивата и просторно-информативниот систем. Електронската архива ќе овозможи следење на предметите, увид во нивниот статус и информација за надлежниот службеник. Овој процес се реализира во соработка со Министерството за дигитална трансформација. Дигитализацијата на просторно-информативниот систем е веќе завршена.
„Време” — насочен кон поедноставување на административните постапки. Од вкупно 30 чекори за поедноставување, 15 се предвидени во првата фаза, која треба да заврши до крајот на годината.
„Земја” — предвидува дигитално мапирање на дивите депонии во општините, со цел полесно планирање на средствата за нивно расчистување и подготовка за воспоставување регионални центри за управување со отпад. Функционалноста ќе биде предмет на консултации со граѓанските организации, ЗЕЛС и стручната јавност, а реализацијата е предвидена во буџетот за 2027 година. Паралелно, во неколку општини веќе се спроведува пилот-проект за видео-надзор на дивите депонии.
„Воздух” — предвидува воспоставување дигитален регистар во кој 140 иматели на А-интегрирани еколошки дозволи ќе ги објавуваат податоците за емисиите согласно условите од издадените дозволи. Регистарот е поврзан со Законот за контрола на емисиите во воздухот, кој стапува во сила во септември 2027 година.
„Суштински зелен пресврт”
Хоџа најави дека сите платформи ќе бидат поединечно презентирани во наредниот период, кога на граѓаните детално ќе им бидат објаснети бенефитите од секоја од нив.
„Овој проект нема да значи само формална промена, туку суштински зелен пресврт”, порача министерот.