Вооружен инцидент во Арачиново: Познатиот фолк-пејач Азиз Мурати ранет со огнено оружје, напаѓачот пукал од возило

5

Познатиот пејач на албанска народна музика, 48-годишниот Азиз Мурати од Скопје, вчера вечерта бил застрелан и ранет од огнено оружје на влезот во скопското село Арачиново.

Според официјалните информации од Министерството за внатрешни работи, инцидентот бил пријавен во СВР Скопје околу 01:50 часот по полноќ од страна на Јавната здравствена установа „Св. Наум Охридски“ (Стара градска болница), каде што повредениот бил итно донесен за укажување лекарска помош.

Напаѓачот му бил познаник на пејачот

Според првичните сознанија од пријавата, врз Мурати било пукано од патничко моторно возило во движење. Напаѓачот, кој според исказот на ранетиот му бил претходно познат, бил во придружба на уште едно лице во автомобилот. По истрелите, напаѓачите веднаш побегнале од местото на настанот.

Од градската болница „Св. Наум Охридски“ информираат дека на 48-годишниот пејач му се санирани раните од огненото оружје и дека неговата здравствена состојба во моментов е стабилна и тој се наоѓа надвор од животна опасност.

Екипи на СВР Скопје извршиле увид на местото на пукањето, подигнати се материјални траги и се преземаат интензивни оперативни мерки за пронаоѓање на напаѓачите, утврдување на мотивот и целосно расчистување на вооружениот напад.