Пресврт во случајот „Лотарија“: Поранешниот директор Перпарим Бајрами ѝ се предаде на полицијата по неколкумесечно бегство

8

Поранешниот директор на АД „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, кој со месеци беше во бегство и недостапен за органите на прогонот, утринава самоволно им се предал на надлежните институции.

Според официјалните полициски информации, 33-годишниот Бајрами утринава точно во 05:35 часот пеш пристигнал и се пријавил во полициска станица. По него претходно беше распишана национална и меѓународна потерница (мерка „апси“) по налог на Одделението за потраги, а во врска со сомнение за сторено тешко кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ согласно член 354, став 5 од Кривичниот законик.

Потврдената мерка за приведување веднаш е реализирана, по што Бајрами е задржан во притвор и во текот на денот ќе биде спроведен пред надлежен судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје, кој треба да одлучува за мерките за обезбедување присуство.

Комплетирана листата на првообвинетите во милионскиот скандал

Со предавањето на Бајрами, кој се води како првообвинет во аферата „Државна лотарија“, сите клучни актери во овој судски процес сега им се достапни на правосудните органи.

Во истиот предмет второобвинет е поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, кој по повеќе од една година бегство, на сличен начин сам и се предаде на полицијата на граничниот премин Блаце во февруари годинава, по што му беше одредена мерка куќен притвор. Покрај нив, во случајот за злоупотреби и нанесување штета од над 8,2 милиони евра преку набавка на видеолотариски апарати се обвинети уште шест лица.

Судскиот процес за случајот „Државна лотарија“ продолжува со ново рочиште закажано за овој петок.