Сојузот на борци бара отфрлање на предлогот за улица „Фаик Мустафа“ – „Бил осуден за сепаратизам, а го претставуваат како обичен учител“

28

Сојузот на борци од НОАВМ и граѓаните продолжувачи од Тетово упатија нова остра реакција до локалните власти, барајќи итно отфрлање на предлогот една од тетовските улици да го носи името на Фаик Мустафа. Од Сојузот ја обвинуваат општинската Работна група за именување улици дека свесно пласира нецелосни и манипулативни биографии со цел пред јавноста да се прикрие реалното минато на предложените личности.

„Се прикрива пресуда за сепаратизам и дејствување против државата“

Според борците, во официјалното образложение од Општината, Фаик Мустафа е претставен единствено како „учител во повеќе села во тетовскиот регион“, што според нив претставува класичен обид за фалсификување на историските факти.

„Овој предлог е исклучително проблематичен бидејќи зад превезот на селски учител се прикрива вистинската биографија на правосилно осуден сепаратист. Фаик Мустафа е еден од главните организатори на познатите демонстрации во Тетово од декември 1968 година, кога противзаконски се истакнуваа знамиња на странска држава и се бараше територијална поделба на тогашна Македонија. Поради своите дејствија насочени против уставниот поредок и државата, тој беше правосилно осуден на пет години ефективна затворска казна“, нагласуваат од Сојузот на борци.

Каква порака испраќа Општина Тетово?

Од организацијата јавно прашуваат кои се мотивите и какво општествено оправдување постои за чествување на личности со вакво досие.

„Недозволиво е улица во Тетово да добие име на осуден организатор на насилни демонстрации насочени против сопствената држава и нејзините симболи. Каква порака со ова испраќаме до нашите граѓани, до младите генерации и до меѓународната јавност?“, стои во реакцијата.

Ова соопштение доаѓа откако Работната група при Советот на Општина Тетово досега усвои вкупно 219 предлог-имиња за преименување на градските улици, процес кој континуирано наидува на силен отпор од македонската заедница и здруженијата поради сомнежи за историски ревизионизам и рехабилитација на контроверзни политички и балистички фигури.

Сојузот на борци ја завршува својата реакција со традиционалната антифашистичка парола: „Смрт на фашизмот – Слобода на народот!“.