Вашингтон започна операција за тотална изолација на Иран: Техеран одговара со двегодишен план за отпор и поддршка од Кина и Русија
Иранските власти објавија дека имаат подготвено сеопфатен двегодишен план за амортизирање и надминување на новите, значително проширени американски санкции. Оваа реакција следува откако официјален Вашингтон ја стартуваше новата агресивна кампања за економски притисок под назив „Економски отфрлен“ (Operation Economic Outcast), јавува телевизиската мрежа Си-Ен-Ен (CNN).
Техеран: „Знаеме како да ја играме оваа игра“
Иранскиот министер за економија, Али Маданизадех, во обраќање за државната телевизија изјави дека земјата со месеци се подготвувала за вакво сценарио и изрази силна увереност дека и овој обид на Соединетите Американски Држави ќе доживее дебакл.
„Владата е максимално подготвена и има јасен двегодишен план за справување со овие случувања. Ги имаме сопствените механизми и алатки и многу добро знаеме како да ја играме оваа игра“, порача Маданизадех.
САД со операција „Економски отфрлен“ целат кон дигиталните средства, златото и транспортот
Од другата страна на океанот, американското Министерство за финансии испрати порака дека целта е целосно отсекување на Иран од меѓународните финансиски токови.
„Нашата намера е да ја прекинеме секоја економска врска што го одржува овој режим во живот, сè додека Техеран не остане целосно сам и изолиран“, дециден е американскиот министер за финансии Скот Бесент.
Новиот американски санкциски пакет е исклучително широк и за првпат агресивно ги таргетира секторите за дигитални средства (криптовалути), високата технологија, трговијата со злато, како и целокупниот поморски и воздухопловен транспорт. На црната листа се додадени речиси 60 компании, физички лица и транспортни бродови поврзани со иранските трговски канали.
Бесент упати директно предупредување и за секундарни санкции кон сите трети земји, банки и странски корпорации кои ќе продолжат да соработуваат со Техеран, нагласувајќи дека трпението на Вашингтон не е бесконечно и дека казните за прекршителите ќе бидат експресни.
Оската Иран – Кина – Русија како противтежа
Како главен одговор на американската блокада, Техеран отворено се потпира на продлабочување на економските врски со Пекинг и Москва. Иранскиот министер за економија посочи дека Кина и Русија категорично ги отфрлиле едностраните американски мерки, додавајќи дека очекува и други независни економии во светот да им се спротивстават на притисоците од Белата куќа.