Мицкоски фрли ракавица до опозицијата: „Не сме кукавици, ако барате предвремени избори – веднаш прифаќаме и ќе ве победиме“

8

Граѓаните не сакаат нови избори, туку реформи и континуитет на започнатите процеси, но доколку опозицијата официјално побара соочување на гласачките кутии, власта нема да бега од мегдан. Ова го порача премиерот Христијан Мицкоски во денешното обраќање пред почетокот на Амбасадорскиот совет, одговарајќи на сè погласните шпекулации и барања за предвремени парламентарни избори.

„Не бегаме од избори, имаме резултат 3:1“

Премиерот истакна дека актуелната владина коалиција има полн четиригодишен легитимитет и дека според сите параметри нејзините перформанси се „3:1“ во споредба со претходната власт. Сепак, тој упати директна порака до политичките противници:

„Ние имаме мандат од народот да работиме четири години. Но, доколку опозицијата мисли дека се потребни предвремени парламентарни избори, ние како кукавици нема да седиме настрана. Веднаш позитивно ќе одговориме на тоа барање и, се разбира, повторно ќе ги победиме“, дециден е Мицкоски.

Со оваа изјава премиерот дополнително ја подгрева темата за можно предвремено гласање, чија реторика во изминатите месеци еволуираше од категорично отфрлање на избори во 2026 година, до подготвеност за сите сценарија, особено по најавите во јавноста за можна изборна пролет во 2027 година.

Одговор до Радев: Уставот ги штити Бугарите, што прави Софија за пресудите од Стразбур?

Коментирајќи ги пораките од бугарскиот претседател Румен Радев околу исполнувањето на преземените обврски и правата на Бугарите во Македонија, Мицкоски нагласи дека македонскиот Устав веќе гарантира највисоко ниво на заштита за сите заедници, што било потврдено и со прекинот на постмониторингот од страна на Советот на Европа.

Премиерот јавно го отвори прашањето за реципроцитетот и правата на Македонците во Бугарија:
„Што правиме со македонската заедница од другата страна на границата? Бугарија има ратификувано конвенции за човекови права, а континуирано одбива да ги регистрира здруженијата како ОМО „Илинден“ – Пирин, и покрај дузината пресуди од Судот за човекови права во Стразбур. Партнери и соседи треба да разговараат искрено и на рамноправна основа“, порача тој.

Мицкоски додаде дека е секогаш подготвен за средба со бугарската страна, но само доколку таа има реална дипломатска содржина, а не да биде средба „само за сликање и губење време“.

Уставните измени и собранискиот дијалог

Во однос на прашањето дали моделот на уставни измени со одложено дејство останува официјална опција, како и за надминување на блокадите во Собранието со Бадентеровото мнозинство, премиерот најави подготвеност за разговори со опозицијата веднаш по завршувањето на летните одмори.

„Политиката се темели на дијалог сè додека не се изнајде решение. Ние многу добро ги знаеме нашите црвени линии и токму во тие рамки ќе бараме компромис за сите отворени прашања“, заклучи Мицкоски.