Колапс на Табановце: „Безбеден град“ ги сопре странските туристи – километарски колони и револт поради казни од февруари

60

Почетокот на примената на системот „Безбеден град“ за странски државјани предизвика вистински сообраќаен колапс и повеќечасовни застои на граничниот премин „Табановце“ кон Србија. Стотици возачи, главно туристи кои транзитираат низ Македонија враќајќи се од одмор во Грција, беа задржани на границата за наплата на сообраќајни прекршоци регистрирани од камерите уште од 1 февруари 2026 година.

Лавина од реакции: Револт, кавги и закани за бојкот

Социјалните мрежи беа преплавени со поплаки од револтирани патници. Според сведоштвата на српските граѓани, речиси на секое второ возило му бил врачен прекршочен платен налог, што создало меѓузона преполна со автомобили и застој во кој невини возачи и семејства со мали деца чекале со часови.

„Чекаме со часови со мали деца во автомобилите. Кој направил прекршок нека си плати, но зошто ние што возиме прописно да го трпиме овој аматеризам и лошо организиран систем?“, гласи еден од бројните коментари.

Дел од странските туристи во револт порачаа дека во иднина ќе ја одбегнуваат Македонија и ќе патуваат преку Бугарија, обвинувајќи ги властите за „инстант полнење на буџетот“. Од друга страна, македонските граѓани на социјалните мрежи возвратија дека законите мора да важат за сите, нагласувајќи дека несовесното возење со над 200 километри на час на автопатиштата не смее да помине без казна.

МВР: Се наплаќаат и прекршоците направени од почетокот на годината

Министерството за внатрешни работи се огласи со официјално појаснување за настанатиот метеж, образложувајќи дека ова е прв ден од целосната функционалност на новиот механизам.

„Зголемениот број возила на излез од државата се должи на тоа што ова е прв ден од примената на мерката со која се опфаќаат и претходно евидентираните прекршоци од страна на системот. На возачите на кои им е регистриран прекршок им се издава записник и прекршочен платен налог, со законска можност за подмирување на обврската. МВР презема интензивни активности за забрзување на постапката и намалување на времето на чекање“, соопштија од полицијата.

Како се спроведува наплатата?

Како што пренесуваат регионалните туристички сервиси, странските возачи добиваат електронски линк за плаќање на казната преку интернет со платежна картичка на самото место. Во случаи кога возачот нема средства на картичката или одбива да плати, се применуваат построги мерки, вклучително и упатување во најблискиот град (Куманово) за директна уплата или изведување пред надлежен суд по скратена постапка.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски неодамна децидно најави дека за сообраќајната безбедност нема компромиси и дека „Безбеден град“ подеднакво ќе важи за домашните и за странските возила. Сите возачи кои транзитираат низ Македонија се предупредуваат строго да ги почитуваат сообраќајните ограничувања, бидејќи камерите на автопатиштата непрекинато ги евидентираат сите прекршоци.