Сојузот на борци од Тетово алармира: Листата со нови имиња на улици е обид за рехабилитација на фашисти и окупатори

223

Го пренесуваме во целост соопштението на Сојузот на борци од НОАВМ и граѓаните продолжувачи од Тетово:

 

Листата на нови 145 потврдени имиња за имиња на улиците во Тетово е срамна, провокативна и скандалозна.

Сојузот на борци од НОАВМ и граѓаните продолжувачи од Тетово со особено внимание ја проучи листата на 145 ново потврдени имиња на улици на седницата од 12.08.2026 година на нелегитимната Работна група за именување на улици и јавно изразуваме краен револт, загриженост и осуда.

Ова е само продолжение и дрзок обид за рехабилитирање на фашисти, албански милитанти и иредентисти, за наметнување на бртална албанизација на градот со албанци кои немаат врска со градот Тетово, веројатно најголем дел од нив никогаш и не го посетиле, или такви чии биографии апсолутно никогаш и никаде во светот не би се сметале за доволни за ваков облик на изразување највисока општествена чест, како именување на улица со нивното име.

Во подолга листа на фашисти и иредентисти повторно меѓу другите се предлага и името на фашистичко-балистичкиот окупаторски градоначалник Џафер Сулејмани. Прашуваме каде и во кој град во светот улици се именувани по окупатори? Повторно се предлага името на Шериф Казази кој бил министер во фашистичкото окупаторско Кралство Албанија. Дали можете да замислите име на улица со хитлеров министер во Лондон? Секако дека не! Светот оди напред, а не ги рехабилитира поразените злосторници од минатото. Знаете ли колку тетовски семејства страдале и загубиле блиски од окупаторските ѕверства? Тоа ли ќе го славиме? Срамно!

Над дваесет предлози во листата се имиња на оџи и исламисти. Која е целта? Предложените немаат никаков општествен придонес, ниту пак се особено религиски афирмирани. Недозволиво е од Тетово да правите шеријатско гето!

Над дваесет предлози се со имиња на учителки и учители Албанци од Основното училиште „Лирија“ Тетово. Предложените немаат никаков релевантен општествен придонес. Го деградирате значењето на име на улица, со цел албанизација. Дали во ова училиште и низ другите во градот децата ги школуваа и се заслужни за градот и десетици високо реномирани и истакнати македонски педагози, кои биле недостижен пример во текот на целиот работен век за предложениве?

Понатаму грубо го прекршувате македонскиот јазик предлагајќи имиња како „Манастирска улица“ со образложение дека името е по вториот најголем македонски град. Кој Ви дал за право да ги преведувате топонимите, кога универзално правило во светот е дека топонимите не се преведуваат туку се транслитерираат? Битола е Битола и Вие немате право да ја третирате на друг начин.

Почитувана јавност,

Сојузот на борците со сите свои сили се труди на единствениот достапен начин да повика на разум и да ги разобличи сите епизоди од овој големо-амбански проект, чии цели не се комплеметарни на визијата Тетово да се гради како современ и напреден град во кој се почитуваат граѓанските слободи и права, се негува културата на сите етникуми, се почитува уставно-правниот темел на Република Македонија и се овозможува општествен развој.

Сепак како граѓани мандатот за наше претставување и институционална заштита од вакви штетни процеси со непоправливи последици го имаме доверено на нашите избраници, чиј молк е дополнително заканувачки.

Ги повикуваме политичките партии, избраните и именуваните функционери кои се платени од граѓаните да им служат, во позиција или опозиција да се освестат и соодветно на својата позиција и лична одговорност да не дозволат овој процес на продолжи, или да се заврши. Имаме обврска кон идните генерации! Потребен ни е патриотизам проследен со видлива борба и дела и директно спротивставување на ова сценарио.

Јавно ги повикуваме и преостанатите тројца членови Македонци во нелегитимната Работната група за преименување на улиците да го напуштат ова тело веднаш!

Да живее слободата, братството и единството.

Смрт на фашизмот – слобода на народот!