Историско поклонение на Света Гора: Епископот Партениј за првпат сослужуваше како архиереј на Атон

16

Делегација од Бигорскиот манастир, предводена од игуменот, Неговото преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, деновиве оствари историско повеќедневно поклонение на Света Гора Атонска. Оваа посета има особено значење бидејќи е прво официјално доаѓање на епископот Партениј на Атон во својство на архиереј на Црквата, означувајќи ја во полнота радоста од надминатата повеќедецениска црковна изолација.

Торжество во Кутлумушкиот скит и спомен за ктиторите

Поклонението започна со празнично бдение и Божествена Литургија во свештениот Кутлумушки скит на Свети Пантелејмон во Кареја. Со Светата Евхаристија чиноначалствуваше Епископот Мирински г. Атинагора од Мексиканската митрополија при Вселенската Патријаршија, со молитвено присуство и сослужување на епископот Партениј и повеќемина истакнати светогорски отци, меѓу кои и Протоепистатот на Света Гора, старецот Георгиј Ватопедски.

Според древното монашко предание, по Литургијата беше извршен молитвен спомен за ктиторите и добротворите на скитот, како чин на благодарност кон оние кои низ вековите го граделе ова светилиште. Делегацијата потоа ја посети и ќелијата на великиот учител на православниот духовен живот, Свети Никодим Светогорец, каде беа срдечно пречекани од старецот Теонас.

Свечен пречек во манастирот Ксенофонт и пораки за единство

Особено впечатлив дел од поклонението беше посетата на свештената обител Ксенофонт. На епископот Партениј му беше приреден официјален манастирски пречек, предводен од долгогодишниот игумен, архимандритот Алексиј, кој годинава одбележува половина век игуменско служење.

Во соборниот храм, старецот Алексиј му оддаде признание на владиката Партениј за неговото црковно дело и миротворната улога, нагласувајќи дека она што ги обединува православните народи не е националноста, туку заедничката вера.

Во своето обраќање, епископот Партениј истакна дека оваа посета се случува во услови на полно црковно заедничарење, изразувајќи особена благодарност до Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј за неговиот историски придонес во отворањето на патот кон евхаристиското општење. Тој потсети на времето на црковната изолација, нагласувајќи дека дури и тогаш, благодарение на отвореноста на старци како Алексиј, македонските монаси на Света Гора се чувствувале како во „домот Христов“.

Враќање по 36 години

За игуменот на Бигорскиот манастир оваа посета имаше и длабока лична димензија. Токму пред 36 години, тој како млад искушеник ги примил првите монашки поуки на Света Гора во манастирот Григоријат, знаење кое подоцна беше клучно за обновувањето на општежителното монаштво во Македонија по падот на комунизмот.

За време на престојот се одржа и заеднички синаксис (духовна беседа) на кој се разговараше за монашкото предание, значењето на убавината во православието како „воплотена духовност“ и важната улога на монаштвото како „’рбет на Црквата“. На крајот од посетата, во знак на трајно пријателство, старецот Алексиј му подари игуменска патерица на епископот Партениј, прифаќајќи ја поканата во иднина да го посети Бигорскиот манастир.

Од Бигорската обител посочуваат дека делегацијата заминува од Света Гора со неизмерна благодарност до сите светогорски отци, нагласувајќи дека духовните врски меѓу македонското монаштво и Богородичната Градина продолжуваат да се продлабочуваат.