СМИРУВАЊЕ НА ЕПИДЕМИЈАТА: Драстичен пад на бројот на пациенти во Гостивар, „Алкалоид“ донираше лекови

7

Епидемијата на гастроентеритис во Гостивар покажува знаци на значително смирување. Според последните податоци од Општата болница, бројот на граѓани кои побарале лекарска помош во изминатото деноноќие се намалил на 117 лица, што е рекордно ниска бројка по ескалацијата на здравствената криза.

Директорот на болницата, Емри Бајрами, потврди дека притисокот врз здравствените одделенија попушта.

Статистика на прегледи: Пад кај најмладите

  • Инфективно одделение: 82 нови пациенти;
  • Педијатрија: 33 децата (значително намалување);
  • Ургентен центар: само 2 нови случаи.

„Имаме евидентен тренд на намалување. Клиничката слика кај сите пациенти останува идентична – дијареја, повраќање, покачена температура и општа изнемоштеност. Болницата е целосно опремена со лекови, а дополнителна поддршка добивме од компанијата ‘Алкалоид’, која денеска донираше неопходни количини инфузии и ампуларна терапија“, изјави Бајрами.

Дистрибуција на вода: Помош пристигнува од цела Македонија

Додека трае забраната за користење на водата од водоводот, Центарот за управување со кризи (ЦУК) координира масовна акција за снабдување на градот. Јованка Ставревска Данаковска од ЦУК Гостивар информираше дека во акцијата се вклучени цистерни со питка и техничка вода од Тетово, Скопје, Кавадарци, Неготино, ТЕЦ Осломеј, како и од конзорциумот „Бехтел и Енка“.

Истрагата го блокира информирањето од ЦЈЗ Гостивар

Иако граѓаните со нетрпение ги очекуваат резултатите од најновите анализи на водата, Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) во Гостивар во моментов не споделува информации. Причината за овој молк, според извори на ТВ21, е тековната истражна постапка која ја води Обвинителството против раководни структури во градот.

Кога ќе потече чиста вода?

Прогнозите на премиерот Христијан Мицкоски и надлежните служби се оптимистични, доколку планот за чистење на системот се одвива без пречки:

  1. До крајот на оваа недела: Водата да биде технички исправна;
  2. До крајот на следната недела: Водата да биде целосно безбедна и за пиење.

Сепак, ЦУК и ИЈЗ предупредуваат дека забраната останува во сила сè додека не биде објавена официјална потврда по неколку последователни исправни мерења.

Македонски