ВОНРЕДНИ КОНТРОЛИ: Водата во Тетово е безбедна и може да се користи за пиење

1

Јавното комунално претпријатие (ЈКП) „Шар“ од Тетово денеска ја информираше јавноста дека по извршените лабораториски контроли, утврдено е дека водата во градскиот водовод е со висок квалитет и целосно безбедна за консумација.

Оваа потврда доаѓа по извршените детални анализи од страна на Институтот за јавно здравје – Центар за јавно здравје Тетово. Резултатите од микробиолошките и физичко-хемиските испитувања покажале дека сите параметри се движат во рамките на дозволените граници, согласно законските стандарди за вода за пиење.

„Лабораториските резултати потврдија дека водата од водоснабдителниот систем во градот Тетово ги исполнува потребните критериуми за квалитет и може да се користи за пиење. Нашите служби продолжуваат со континуирано следење на состојбата на терен“, се наведува во официјалното соопштение на ЈКП „Шар“.

Од претпријатието нагласуваат дека нивен врвен приоритет останува обезбедувањето безбедно и квалитетно водоснабдување за сите граѓани на Тетово и упатуваат благодарност до потрошувачите за покажаното разбирање и доверба.

Со ова се отстрануваат сите сомнежи околу исправноста на водата, која сега граѓаните можат непречено да ја користат за пиење и подготовка на храна.

Македонски