КЛЕКОВСКИ ГИ НАРЕЧЕ ДОКТОРИТЕ „СЛОБОДНИ ЈАВАЧИ“: Пановски му одговори и најави повлекување од јавноста
Министерот за здравство, Сашо Клековски, упати остри критики до дел од медицинската фела кои јавно коментираат за здравствената криза во Гостивар, нарекувајќи ги „слободни јавачи на епидемијата“. Тој апелираше до граѓаните да веруваат исклучиво на официјалните институционални канали и да ги игнорираат советите од лекари кои не се специјалисти по епидемиологија или инфектологија.
„Знам дека ваквите состојби се популарни за кликови и собирање лајкови, но би замолил граѓаните да ги следат само службените упатства. Министерството ја држи состојбата под контрола, а Инфективната клиника располага со најширок панел за детекција на сите можни вируси и бактерии“, изјави Клековски.
Министерот појасни дека досегашните резултати укажуваат на вообичаени причинители кои даваат брза клиничка слика со стомачни проблеми и треска, нагласувајќи дека водата ќе биде пуштена за употреба дури кога ќе биде 100% сигурна.
Реакција на д-р Пановски: „Барајте си само епидемиолози“
На ваквиот настап на министерот со остар и ироничен демант одговори микробиологот д-р Никола Пановски. Тој јавно побара од Клековски да ги предупреди медиумите повеќе да не го бараат за изјави и совети, нагласувајќи дека неговите досегашни препораки биле прифатени со задоцнување.
„Мојот прв совет, да прогласите епидемија, го прифативте по 10 часа, а требаше два дена порано. Мојот втор совет, веднаш да се објават резултатите, Обвинителството го прифати исто така со задоцнување. Од денес, медиумите нека си бараат исклучиво епидемиолози и инфектолози“, напиша Пановски на својот Фејсбук профил.
Пановски дополнително праша зошто лица кои воопшто не се доктори по медицина си дозволуваат да даваат „хипотетички“ изјави за фекални бактерии, алудирајќи на нетранспарентноста и нестручноста во менаџирањето на кризата.
Овој јавен судир меѓу првиот човек на здравството и еден од најекспонираните стручњаци во јавноста доаѓа во момент кога Гостивар сè уште е под официјална епидемија и строг режим на користење вода.