ВЛАДАТА ПРОГЛАСИ КРИЗНА СОСТОЈБА ВО ГОСТИВАР: Притвор за раководството на „Комуналец“ за „дела против животната средина“?

7

Владата на Република Северна Македонија на денешната седница донесе одлука за прогласување на кризна состојба во Општина Гостивар во траење од 30 дена. Одлуката следува по заклучокот дека локалната самоуправа нема капацитет да се справи со масовното загадување на водата, поради што државата ја презема итната координација за нормализирање на водоснабдувањето.

Паралелно со владината одлука, Основното јавно обвинителство Гостивар отвори истражна постапка и побара 30-дневен притвор за директорката на ЈП „Комуналец“, техничкиот директор и раководителот на работната единица „Водовод“. Тие се сомничат за тешки дела против животната средина и природата, за што е предвидена минимална затворска казна од четири години.

Шокантни наоди: Пумпите вбризгувале фекални бактерии од 24 јуни

На денешниот вонреден брифинг во гостиварското Обвинителство беа изнесени застрашувачки детали од истрагата. Обвинителите Хазби Исеини и Зура Селими потврдија дека при увидот на изворот во Вруток биле затекнати три пумпи кои директно вбризгувале непреработена вода од отворен канал во системот за пиење.

Според доказите, системот бил поставен уште на 24 јуни со цел вештачки да се подигне притисокот во мрежата. Анализите кои следувале се поразителни:

  • Фекални бактерии: Детектирани се 39 колиформни бактерии во каптажата, каде според стандардите вредноста мора да биде нула.
  • Прекумерно хлорирање: Кај граѓаните е измерено ниво на хлор од 1,1 mg/l, што е двојно повеќе од максимално дозволените 0,5 mg/l.

Истрагата ќе се шири – на удар и раководството на болницата?

Обвинителството најави дека истрагата нема да застане само кај тројцата приведени. На прашањето дали се истражува одговорноста на директорот на болницата во Гостивар, кој со денови не ги известувал институциите и покрај напливот од стотици пациенти дневно, обвинителот Исеини беше дециден:

„Истрагата ќе ги опфати сите. Доколку се утврди одговорност кај која било друга институција или поединец кој премолчувал или не постапил, истрагата ќе биде проширена“, нагласи тој.

Државата го презема управувањето со кризата

Со прогласувањето на кризната состојба, активиран е Управувачкиот комитет во кој членуваат министрите за одбрана, внатрешни работи, здравство, транспорт, надворешни работи и директорот на ДЗС. Главната цел е ставање на водоснабдителниот систем во безбедна функција во најкраток можен рок.

Владата истовремено го именуваше Златко Перински за нов в.д. директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), кој ќе треба да го менаџира финансискиот товар врз здравствениот систем предизвикан од оваа масовна епидемија.

Пумпите во Вруток во моментов се надвор од функција и се чека судска наредба за нивно демонтирање и дополнително вештачење. Градот останува под строга забрана за користење на водата од водоводот.

Македонски