КРИК ОД ГОСТИВАР: Додека градот е на инфузија, партиите се сликаат, а некои дури и протестираат
Гостивар во моментов е град на неизвесност. Додека речиси секое семејство брои по барем еден затруен член, а здравствениот систем е на раб на колапс под навалицата од илјадници заразени, политичката сцена приреди уште еден гротескен спектакл. Наместо итни решенија, граѓаните добија гола пропаганда, партиски сликања и апсурдни обиди за протести во ек на епидемија.
Револтот кај гостиварчани расте, не само поради контаминираната вода, туку и поради начинот на кој се третира оваа катастрофа.
„Тероризам врз населението“ или еколошки инцидент?
Едно од клучните прашања што ја бранува јавноста е правната квалификација на случајот. Додека нацијата бара најстрога одговорност за она што многумина го нарекуваат „биолошки тероризам врз населението“, истражните органи случајот го водат под многу поблага квалификација.
„Како е можно свесното загрозување на здравјето и животите на десетици илјади граѓани да се релативизира и да се води како прекршок против животната средина, наместо како најтешко кривично дело против здравјето на луѓето?“, прашуваат револтираните граѓани.
Слики за Фејсбук наместо реална помош
Во време кога медицинскиот персонал деноноќно се бори со тешки клинички слики кај деца и возрасни, политичките лидери најдоа за сходно да прошетаат низ градот за да се „сликаат меѓу народот“. Овој пристап, кој наликува на предизборна кампања во сред хуманитарна катастрофа, е оценет како врвен чин на бесчувствителност и гола пропаганда.
Апсурдот на протестите: „Половина град е во кревет, тие бараат толпа“
Врв на нелогичноста беа најавите за протести во сред здравствена криза. Организаторите на овие собири изразија разочарување од малиот одзив, што дополнително го зголеми гневот кај гостиварчани.
„Дали имате грам разум? Каков протест очекувате кога половина Гостивар прима инфузија и се обидува да го прочисти организмот од фекалиите и бактериите што ги конзумирал со недели? На народот сега му треба лек и чиста вода, а не политички говори на плоштади“, велат жителите.
Гостиварчани не сакаат ниту да помислат колку долго траела контаминацијата пред да биде откриена, но едно е сигурно – довербата во институциите и политичарите е целосно уништена. Градот сега бара одговори, а не партиски посети и неуспешни обиди за улична мобилизација.