ИНЦИДЕНТ ВО ГРАДСКИОТ ПАРК: Млада Италијанка уапсена поради напад врз полицаец

21

Деветнаесетгодишна државјанка на Република Италија е лишена од слобода рано утрово во Скопје, откако физички нападнала полициски службеник. По приведувањето, полицијата утврдила дека странската државјанка престојувала нелегално во земјава.

Инцидентот се случил во 04:40 часот во Градскиот парк, кога полициска патрола од СВР Скопје вршела редовни службени дејствија. Според информациите од Министерството за внатрешни работи, младата Г.Ф. (19) се однесувала агресивно и физички го нападнала службеното лице кое во тој момент ги извршувало своите работни задачи.

По извршената проверка и преземањето на дополнителни мерки, полициските службеници констатирале и дека италијанската државјанка немала регулиран престој во државата, со што го прекршила и Законот за странци.

Г.Ф. е задржана во полициска станица, а од СВР Скопје најавуваат дека по целосно документирање на случајот, против неа ќе биде поднесен соодветен кривичен и прекршочен поднесок до надлежните органи.

Македонски