КРАЈ НА „ШПЕКУЛАЦИИТЕ“: Градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски, се враќа на функцијата

9

По повеќеседмично отсуство поради боледување, градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, се враќа на своето работно место. Со овој потег се става крај на дилемите околу неговата здравствена состојба и претпоставките за евентуални предвремени локални избори во општината.

Како што дознава телевизија „Телма“, Лукровски денеска се очекува да пристигне во просториите на Општина Карпош и официјално повторно да ги преземе градоначалничките надлежности.

Во изминатиот период, додека Лукровски беше на боледување, со локалната самоуправа раководеше заменик-градоначалникот Неделчо Крстевски. Тој имаше овластување привремено да управува со тековните работи на Општината, за да се обезбеди непречено функционирање на услугите за граѓаните.

Отсуството на Лукровски во јавноста поттикна низа шпекулации за негово можно трајно повлекување од функцијата поради сериозноста на неговата состојба. Ваквите наводи доведоа до дебати за можно распишување предвремени избори во Карпош, сценарио кое неодамна беше демантирано и од страна на премиерот.

Со враќањето на првиот човек на Карпош на неговото работно место, Општината продолжува со работа во полн капацитет според претходно утврдената програма и планираните капитални проекти.

Македонски