ОД БАНАЛНА РАСПРАВИЈА ДО ОБИД ЗА УБИСТВО: Двајца браќа пукале во семејство од заседа кај Шишево
Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против двајца браќа, кои се сомничат за обид за убиство по бизарен сообраќаен инцидент кај скопското село Шишево. Она што започнало како банална расправија за допрени ретровизори, за малку ќе завршело со трикратна трагедија.
Настанот, кој се случил на 6 јуни, ескалирал во класична заседа со огнено оружје.
Напад на авто-плац и закани
Според официјалните информации од Обвинителството, првичниот конфликт избил во близина на локален авто-плац. Поради недоразбирање во сообраќајот и допрени ретровизори, еден од осомничените браќа вербално и физички нападнал возач на друго возило, упатувајќи му остри закани по животот.
Иако присутните очевидци во тој момент успеале да ја смират ситуацијата и да ги раздвојат, осомничените решиле да се одмаздат.
Заседа во грмушките и куршум во главата
Подоцна во текот на денот, оштетениот возач се враќал по истиот пат, но овојпат во автомобилот со него биле и неговата сопруга и неговиот брат.
„Двајцата осомничени во меѓувреме вооружени со пиштоли се скриле во грмушки покрај патот, чекајќи возилото да помина повторно. Кога автомобилот се приближил, тие излегле и испукале два куршума директно кон кабината“, соопштуваат од ОЈО Скопје.
Едниот од проектиливе го погодил братот на оштетениот во пределот на главата, нанесувајќи му тангенцијална повреда. Само чиста среќа го спасила неговиот живот, како и животите на сопружниците кои биле во возилото.
Обвинителството бара итен притвор
Напаѓачите се веднаш приведени, а надлежниот јавен обвинител до Судот поднесе предлог за определување мерка притвор за двајцата браќа.
Како клучни причини за притвор се наведуваат:
-
Опасност од бегство на осомничените.
-
Ризик од влијание врз сведоци и прикривање докази.
-
Реална опасност делото да биде повторено или довршено со оглед на покажаната агресија.
Истрагата е во тек, а повреденото лице е надвор од животна опасност.