Расте притисокот во Општина Карпош: Мицкоски со оправдување – здравјето на Лукровски бара мирување, тој е сè уште градоначалник
Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја коментираше состојбата во Општина Карпош, по повеќе од еден месец отсуство на градоначалникот Сотир Лукровски. Тој потврди дека Лукровски се соочува со здравствени проблеми кои налагаат негово повлекување од секојдневните обврски.
„Здравствената состојба на градоначалникот на Карпош е таква што бара мирување“, изјави кратко Мицкоски, одговарајќи на новинарските прашања за статусот на првиот човек на општината.
Во однос на дилемите во јавноста за тоа дали отсуството кое трае подолго од 30 дена може да се смета за евентуална злоупотреба на боледувањето, премиерот не сакаше да шпекулира, упатувајќи на надлежните институции.
„За ова претпоставувам ќе одговори директорот на Фондот за здравствено осигурување“, посочи премиерот.
Мицкоски беше дециден и во однос на политичкиот легитимитет на општината, отфрлајќи ги сомнежите дека со Карпош во моментов раководи некој друг наместо избраниот градоначалник.
„Во однос на политичкиот контекст, јас како што знам, Сотир Лукровски е сè уште градоначалник на Карпош“, нагласи тој, ставајќи до знаење дека неговиот мандат останува во сила и покрај привремената спреченост за работа.
Со оваа изјава премиерот стави крај на шпекулациите за евентуална итна оставка на Лукровски, иако притисокот од јавноста за функционалноста на локалната самоуправа во Карпош продолжува да расте.