Скандалозен извештај на ревизорот за Академијата за судии: Плати за ментори по завршен ангажман, „диви“ хонорари и картички за гориво на „слепо“
Државниот завод за ревизија откри серија сериозни неправилности, незаконски исплати и отсуство на контроли во работењето на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) за 2024 година. Извештајот на ревизорот обелоденува хаотично менаџирање со буџетските средства, каде пари на граѓаните се делеле за функции кои воопшто не постојат во законот.
Незаконито трошење: Плати за веќе завршена работа
Ревизорот утврдил дека Академијата го пробила законскиот рок за обука на 8-мата генерација слушатели за цели три месеци. Ова доцнење не било само административен пропуст, туку предизвикало дополнителен трошок за буџетот, бидејќи на менторите и координаторите им биле исплаќани хонорари и за тие три месеци „вишок“. Дополнително, откриено е дека договори со ментори биле потпишувани откако тие веќе го завршиле својот ангажман.
Уште поскандалозно е откритието дека се исплаќале средства за лица на позиции како „координатори“ и „членови на комисии за оценување“, иако нивниот статус, права и обврски воопшто не се предвидени со Законот за Академијата за судии и јавни обвинители.
Злоупотреби со дневници, прекувремена работа и гориво
Ревизијата нотира и фрапантни примери на двојни исплати и прекршување на работничките права:
- Дневници и прекувремена работа: На вработено лице му биле исплатени средства за прекувремена работа за денови кога истовремено земало дневници за службено патување во странство.
- Картички за гориво: Академијата делела картички за гориво без никаква евиденција на кого му се даваат и за која цел се користат.
- Управен одбор: Членовите на Управниот одбор и Програмскиот совет добивале полни месечни надоместоци, без оглед на тоа дали воопшто присуствувале на седница или дали седницата воопшто била одржана.
Јавни набавки без тендери
Ниту секторот за јавни набавки не поминал без сериозни забелешки. Државниот ревизор утврдил дека Академијата набавувала стоки и услуги без никаква претходно спроведена законска постапка. Во случаите каде што имало тендери, биле поставувани критериуми кои немале никаква врска со предметот на набавка, што остава сомнеж за фаворизирање на одредени економски оператори.
Поради сите овие наоди, Државниот завод за ревизија изрази мислење со резерва за усогласеноста на Академијата со законските регулативи и даде низа препораки за итно подобрување на состојбите.
Претходното раководство на Академијата поднело забелешки на нацрт-извештајот, но ревизорот оценил дека тие се само оправдувања за причините што довеле до ваквата состојба, а не и докази кои би ги побиле наодите.