ЗА БЕЗБЕДНО ЛЕТО НА ЕЗЕРАТА: Владата воведе строги ограничувања за пловидба на скутери и чамци

6

Владата на Република Македонија, на предлог на Министерството за транспорт, донесе одлука за воведување ограничен режим на пловење на трите природни езера во земјава – Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро. Целта на оваа мерка е максимално зголемување на безбедноста на капачите, спречување на инциденти во вода и одржување на јавниот ред за време на летната туристичка сезона.

Забрана за скутери во ударните термини

Најстрогите ограничувања се однесуваат на управувањето со водни скутери. Во екот на сезоната, поточно од 1 јули до 31 август 2026 година, пловењето со скутери ќе биде целосно забрането во периодот од 11:00 до 19:00 часот. Со ова се планира да се заштитат капачите во најфреквентните часови на плажите.

Ноќни рестрикции за чамците

Покрај скутерите, Владата воведе и временски ограничувања за пловидба на чамци, со посебен фокус на ноќните часови:

  • 3 јуни – 31 август: Забрана за пловидба од 21:00 до 05:00 часот;
  • Септември: Забрана од 20:00 до 06:00 часот;
  • Октомври: Забрана од 19:00 до 06:00 часот.

Засилени контроли и казни за прекршителите

Од Владата појаснуваат дека овие мерки се неопходни за да се намали ризикот од несреќи кои често се случуваат поради непочитување на правилата или слаба видливост во ноќните часови. Надлежните инспекторати и Капетанијата на пристаништата, во соработка со езерската полиција, ќе вршат засилени теренски контроли во текот на целото лето.

Се упатува итен апел до сите сопственици на пловни објекти строго да ги почитуваат означените безбедносни зони и да не влегуваат во просторите наменети исклучиво за капачи. Секое прекршување на овие одредби ќе биде санкционирано со високи парични казни согласно законските прописи.

Македонски