ЕВРОПСКА ОФАНЗИВА НА БАЛКАНОТ: Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, доаѓа во Скопје
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, в понеделник ја започнува својата втора голема турнеја низ Западен Балкан, во чии рамки ќе го посети и Скопје. Посетата доаѓа во клучен момент за евроинтеграциите, со директна порака од Брисел дека моментумот за проширување на Унијата е реална можност што мора да се искористи.
„Мојата втора турнеја низ регионот испраќа јасен сигнал: посветеноста на ЕУ кон Западен Балкан е реална. Моментумот е тука, но сега е време државите да испорачаат конкретни резултати“, изјави Кошта во пресрет на патувањето.
Средба со Мицкоски и заедничка прес-конференција
Според официјалната агенда, Антонио Кошта по посетите на Сараево и Тирана, во вторник (2 јуни) ќе пристигне во Скопје. Тој ќе оствари билатерална средба со премиерот Христијан Мицкоски, на која се очекува да се разговара за реформскиот напредок и деблокадата на европскиот пат.
За крајот на денот, поточно во 18:30 часот, предвидена е заедничка прес-конференција на Кошта и Мицкоски, на која ќе бидат соопштени заклучоците од разговорите.
Турнејата завршува со Самит за стабилност и просперитет
Дипломатската активност на претседателот на Европскиот совет продолжува во Приштина (среда) и Белград (четврток), а турнејата ќе биде заокружена со посета на Црна Гора.
Како круна на оваа посета, на 5 јуни Кошта ќе копретседава со големиот Самит ЕУ-Западен Балкан. Централната тема на самитот ќе биде „Заедничкиот просперитет и стабилност“, каде лидерите од регионот и Унијата ќе ги утврдат насоките за понатамошна економска и политичка интеграција на Балканот во европското семејство.