РУСИЈА ИЗДАДЕ МЕЃУНАРОДНА ПОТЕРНИЦА ПО ГАРИ КАСПАРОВ: Шаховската легенда обвинета за „оправдување тероризам“
Руските истражни органи распишаа меѓународна потерница по поранешниот светски шампион во шах и истакнат опозиционер, Гари Каспаров. Москва го товари легендарниот шахист по две основи: јавно оправдување на тероризам и повеќекратно кршење на контроверзниот закон за „странски агенти“.
Овој потег доаѓа откако Окружниот суд во Москва, во декември 2025 година, му одреди мерка притвор во траење од два месеци во отсуство. Одлуката за притвор треба да стапи на сила во моментот кога Каспаров би бил екстрадиран, депортиран или уапсен на територијата на Руската Федерација.
Затворска казна до седум години
Обвинението против Каспаров се заснова на членови од Кривичниот законик на Русија кои се однесуваат на јавно ширење и оправдување терористички идеи преку интернет. Доколку биде прогласен за виновен, на шахистот му се заканува затворска казна од пет до седум години, заедно со забрана за вршење јавни и професионални дејности.
Дополнително, истрагата го товари и за непочитување на обврските кои произлегуваат од неговиот статус на „странски агент“, што повлекува дополнителни две години затвор или високи парични казни.
Од светски првак до „државен непријател“
Падот на односите меѓу Каспаров и Кремљ трае со децении, но ескалираше по почетокот на војната во Украина. Руското Министерство за правда го вклучи Каспаров во регистарот на странски агенти во мај 2022 година, под обвинение дека дејствувал во интерес на Киев и американската организација „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch). Набргу потоа, неговото име се најде и на официјалната листа на терористи и екстремисти.
Гари Каспаров веќе подолг период живее во егзил во Соединетите Американски Држави, од каде што е еден од најгласните критичари на политиката на Владимир Путин. Досегашните административни казни и повици од руските судови тој ги игнорираше, означувајќи ги како политички прогон.