Рекорден интерес за патувања, но и рекорден скок на цените: Летовите кон Азија поскапи за 24 отсто

6

Дури 82 проценти од Европејците планираат да заминат на летен одмор оваа година, што претставува рекордно ниво на интерес, покажува најновото истражување на Европската комисија за патувања. Сепак, овој оптимизам е проследен со сериозни предупредувања за зголемени трошоци, особено за оние кои планираат дестинации надвор од матичниот континент.

Драстично поскапување на авиобилетите

Според анализата на консултантската компанија „Тенео“, патниците кои се насочени кон Азија ќе се соочат со значително поскапи авионски билети. Просечните тарифи во економската класа на линиите меѓу Европа и Азија пораснале за неверојатни 24 проценти во споредба со минатата година, што е најголем забележан раст во последните пет години.

Покрај цените, дополнителна неизвесност кај патниците влева и оперативната нестабилност на авиопревозниците. Само во текот на овој месец, глобалните авиокомпании откажале околу 13.000 летови, оставајќи илјадници патници во неизвесност.

ЕК: Забрането е доплаќање по купен билет

Европската комисија веќе реагираше на поплаките за дополнителни давачки со кои компаниите се обидуваат да го префрлат товарот од скапото гориво врз потрошувачите.

„Секој што продава авионски билети е должен јасно да ја прикаже конечната цена. Дополнителни трошоци или доплати откако билетот е веќе купен не можат да се оправдаат и се незаконски“, порача портпарол на Комисијата.

Компаниите нудат „гаранција за одмор“

Во обид да ја вратат довербата кај клиентите, дел од големите авиокомпании веќе воведуваат нови заштитни механизми. „British Airways“ ја претстави својата „гаранција за одмор“, ветувајќи им на патниците дека цената договорена при резервацијата е фиксна и нема да се менува, без оглед на евентуалните идни поскапувања на пазарот.

Дополнително, преку системот ATOL, на патниците им се нуди заштита на туристичките пакети, како и опција за резервација со депозит, со што се елиминира ризикот од дополнителни трошоци при доплата на остатокот од сумата.

Македонски