Милошоски со тешки обвинувања: Ислам Абази лаже за случајот со мазутот, влијанијата на Заев, Ахмети и Филипче сè уште се силни во обвинителството
Потпретседателот на Собранието и висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, втор ден по ред упатува серија остри обвинувања кон шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Ислам Абази. По вчерашните критики, Милошоски денеска директно го обвини Абази дека „лаже“ јавноста во врска со одлуката за запирање на истрагата за набавката на мазут за ТЕЦ Неготино.
Според Милошоски, одлуката за затворање на овој предмет е јасен доказ дека политичките структури на СДСМ и ДУИ сè уште имаат силно влијание врз правосудните органи.
„Овој скандалозен случај и одлуката на Ислам Абази се доказ за големото влијание кое Венко Филипче, Али Ахмети и Зоран Заев сè уште го имаат во добар дел од обвинителството и судството. Абази одлучил да го запре случајот и да не види ниту еден доказ“, изјави Милошоски.
„Абази лаже дека не влијаел врз одлуката“
Реакцијата на Милошоски доаѓа по брифингот на Абази со новинарите, на кој шефот на ОЈО ГОКК тврдеше дека не вршел притисок врз предметниот обвинител за запирање на постапката за сомнежот за криминал вреден 167 милиони евра.
„Ислам Абази лаже. Тој како шеф е надлежен еднаш неделно да добива брифинг од подредените обвинители за вакви крупни случаи. Исто така, тој е овластен, доколку понизок обвинител смета дека нема основ за гонење, да одлучи случајот сепак да продолжи или да го предаде на друг обвинител. Наместо тоа, тој дал согласност случајот да се затвори“, обвини Милошоски.
Обвинителот во улога на судија
Милошоски смета дека со овој чин Абази излегол од своите надлежности и ја презел улогата на судија, оневозможувајќи му на случајот да стигне до судска процедура. Тој оцени дека ваков преседан за затворање на толку обемен случај досега не е забележан во македонското правосудство.
„Наместо да биде обвинител кој гони организиран криминал, тој си ја препиша улогата на судија. Одлуката е донесена врз лукративно-политички основи, а не врз правни аргументи“, заклучи потпретседателот на Собранието.
Случајот со набавката на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино во време на енергетската криза останува една од најжешките политички теми, додека опозицијата и власта продолжуваат со меѓусебни обвинувања за тоа кој го штити криминалот во правосудниот систем.