Зоран Ристоски избран за директор на МРТ, во трка биле шест кандидати
Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија соопшти дека во постапка спроведена согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и важечките подзаконски акти, за нов директор на МРТ е избран Зоран Ристоски.
Како што наведуваат од Програмскиот совет, во постапката биле разгледани вкупно шест кандидатури, при што изборот бил направен врз основа на квалитетот на предложените програми за работа. Гласањето се одвивало анонимно, со доставување на програмите под шифра, без увид во идентитетот на кандидатите.
„По утврдувањето на најдобро оценетата програма, беше отворен ковертот со идентитетот на кандидатот, по што беше извршена проверка на исполнувањето на законските услови и комплетноста на доставената документација. Во таа насока, Програмскиот совет нагласува дека се темели исклучиво на квалитетот на понудената програма и исполнувањето на законските критериуми“, се вели во соопштението.
Од Програмскиот совет наведуваат дека процесот бил целосно транспарентен и спроведен во согласност со законските и институционалните стандарди, со цел да се обезбеди легитимен и кредибилен избор на раководната позиција во јавниот сервис.
Тие посочуваат дека од новоизбраниот директор очекуваат одговорно и професионално извршување на функцијата, со фокус на унапредување на јавниот сервис и неговата програмска понуда.
„Очекуваме новоизбраниот директор да ја извршува функцијата одговорно и професионално, во насока на зајакнување на улогата на Македонската радио-телевизија како јавен сервис од особен јавен интерес, унапредување на програмските содржини и подобрување на условите за работа на вработените. Програмскиот совет ќе продолжи внимателно да ја следи работата на раководството и да дејствува во согласност со своите законски надлежности, во интерес на јавноста и развојот на јавниот сервис“, стои во соопштението.