Меѓународната федерација на новинари бара Кувајт да го ослободи Ахмед Елдин

2

Американско-кувајтскиот новинар Ахмед Шихаб-Елдин веќе шест недели е задржан во Кувајт, откако објавил и коментирал видеа и фотографии поврзани со војната меѓу САД и Израел против Иран. Меѓународната федерација на новинари бара негово итно ослободување.

Шихаб-Елдин бил во посета на семејството во Кувајт на почетокот на војната и последен пат бил виден на 2 март. Според наводите, тој се соочува со обвиненија за ширење дезинформации.

Станува збор за наградуван новинар кој работел за „PBS“, „HuffPost“ and „Al Jazeera English“. Познат е и по поддршката за Палестинците во Газа, како и по неговата остa критика кон израелската влада.

Непосредно пред апсењето, на социјалните мрежи објавил проверени снимки од американски борбен авион кој, според наводите, бил случајно соборен од кувајтската воздушна одбрана.

Во последниот период Кувајт значително ги заострил правилата за објавување содржини поврзани со воени операции. На 3 март, Министерството за внатрешни работи предупреди да не се објавуваат материјали поврзани со „ракети или релевантни локации“.

На 15 март беше усвоен и нов закон, со кој се предвидуваат строги казни за ширење информации поврзани со воените власти, вклучително и затворски казни и високи парични казни. Според член 26, секој што намерно објавува вести или „лажни гласини“ што можат да ја поткопаат довербата во воените институции може да добие најмалку три години затвор и парична казна од околу 13.750 евра.

Од Меѓународната федерација оценуваат дека законот може да се користи за „замолчување на критичкото новинарство и ограничување на информациите од јавен интерес“.

Генералниот секретар на Меѓународната федерација на новинари, Ентони Беланже, изјави „Ахмед Шихаб-Елдин мора веднаш да биде ослободен. Новинарството не е закана. Документирањето на војната е во јавен интерес. Свет во кој новинарите се цел е свет без слобода. Јавноста има право да знае што се случува на Блискиот Исток.“

Извор: Меѓународна ферација на новинари 

Македонски