Австралијанец со македонско потекло зад договорот за антимон од стратешкиот дијалог со САД – компанијата има заедничка фирма со МПЦ
На стратешкиот дијалог со САД во Вашингтон, македонската делегација го однесе Ник Јовановски, извршен директор на австралиската „Пела Глобал Лимитед”, кој потпиша договор за финансиска поддршка од пет милиони долари за истражување критични минерали во Македонија. Компанијата, која има заедничка фирма со Македонската православна црква за обновлива енергија, планира да го рестартира рудникот за антимон кај Крива Паланка и да истражува злато кај селото Луке.
Кој е Ник Јовановски
Николче (Ник) Јовановски е основач и извршен директор на „Пела Глобал Лимитед”, австралиска компанија која работи на проекти за рударство и обновлива енергија во Југоисточна Европа. Според биографијата на компанијата, Јовановски течно говори македонски и е член на дијаспората.
Стратешките цели на компанијата во Македонија се:
- Рестартирање на рудникот за антимон во Крстов Дол, кај Крива Паланка
- Истражување на злато кај кривопаланечкото село Луке
Рудникот Крстов Дол – потенцијал за светски размери
Рудникот Крстов Дол беше затворен во 1981 година поради ниските цени на антимонот. Иако претходно биле извадени приближно 50.000 тони руда, компанијата наведува дека постои ресурс од 2.916.000 тони, заедно со неистражени паралелни структури.
Според проценките на „Пела Глобал Лимитед”, „производството на концентрат од антимон во Македонија има потенцијал да стане една од најголемите операции за рударство на антимон во светот”.
На веб-страницата на компанијата се нагласува дека проектот Луке лежи во рамките на Тетијскиот металоген појас – глобално значајна зона позната по минерални наоѓалишта од светска класа.
Заедничка фирма со МПЦ
Порталот Призма претходно објави дека Македонската православна црква – Охридска архиепископија формирала заедничка фирма со „Пела Глобал Лимитед” за производство на електрична енергија од обновливи извори, при што:
- МПЦ – влог од 20 отсто
- Пела Глобал Лимитед – влог од 80 отсто
Критичарите посочуваат дека МПЦ не плаќа даноци во државата, а формира фирми со странски партнери зад кои, како што тврдат, стои привилегирана релација со актуелната политичка власт.
Граѓаните реагираат: Зошто не копаме ние?
Веста предизвика масовни реакции на социјалните мрежи, со клучното прашање: ако има вредни метали, зошто не ги експлоатираме ние, туку ги даваме на странски компании?
Дополнителен сомнеж кај јавноста создава фактот дека зад проектот стои австралиска компанија со блиски врски со МПЦ, а преку неа, како што тврдат критичарите, и со власта.
Договор од пет милиони долари
Според соопштението на Владата, договорот потпишан во Вашингтон отвора можности за „понатамошни инвестиции, истражувања и технолошки развој во согласност со глобалните трендови за обезбедување алтернативни извори на критични суровини”.
Потпишувањето е реализирано во рамките на официјалната посета на владината делегација на САД и стратешкиот дијалог кој Македонија го води со актуелната американска администрација.