Спасовски со листа на поскапувања го соочи министерот Дурмиши: „Нудите генерални флоскули”

13

Министерот за економија Бесар Дурмиши тврди дека владините мерки за стабилизирање на цените даваат резултати, но пратеникот на СДСМ Оливер Спасовски го соочи со конкретна листа на производи чии цени за една недела пораснале и до 50 отсто, оценувајќи дека состојбата на терен не кореспондира со владината реторика.

Дурмиши: Мерките даваат резултати

Министерот за економија Бесар Дурмиши, одговарајќи на пратеничкото прашање за поскапувањата, изјави дека глобалните пазарни потреси неминовно се одразуваат врз домашниот пазар, но дека државата навреме реагирала со намалување на ДДВ-то за нафтата од 18 на 10 отсто и со континуирано следење на цените на прехранбените производи.

Тој информираше дека Државниот пазарен инспекторат распоредил 30 мобилни тимови за засилен надзор врз целиот синџир – од производителите до трговците, а досега не биле утврдени енормни зголемувања на цените.

„Испраќаме јасна порака дека нема да има толерирање на неосновано покачување на цените или маржите на добивка. Доколку пристигнат индикации за необјасниви поскапувања, подготвени сме веднаш да реагираме”, истакна Дурмиши.

Спасовски: „Брутално поскапување” за една недела

Пратеникот Оливер Спасовски остро реагираше, оценувајќи дека министерот нуди „генерални флоскули” и дека состојбата на терен е сосема поинаква. Тој пред пратениците прочита конкретна листа на поскапувања забележани во рок од само една недела:

Производ Претходна цена Нова цена
Зејтин 74 ден 93 – 118 ден
Кафе 104 ден 120 – 140 ден
Мелено месо 638 ден 730 – 849 ден
Пилешко месо 376 ден 401 – 493 ден
Млеко 56 ден 67 – 78 ден
Јајца 103 ден до 148 ден
Пиперки околу 300 ден/кг
Домати над 200 ден/кг

„Во моментот имаме едно навистина сериозно, брутално поскапување на цените на основните прехранбени производи, пред сè зеленчукот и овошјето”, рече Спасовски.

Спор и за цените на горивата во регионот

Спасовски го оспори и тврдењето на министерот дека Македонија има најниски цени на горива во регионот, посочувајќи конкретни бројки – дизелот во Словенија моментално изнесува 1,52 евра, додека во Македонија е 1,55 евра.

„Секој граѓанин го чувствува растот на цените и министерот може лесно да се увери”, порача пратеникот, прашувајќи дали Министерството за економија предвидува конкретни мерки за ублажување на кризната состојба.

Македонски