Гаши: Бадентер во Уставен не треба да биде табу тема, но Уставот не смее да се отвора парцијално
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на брифинг со новинарите порача дека евентуалните измени на Уставот бараат широк консензус и двотретинско мнозинство, нагласувајќи дека не поддржува парцијални решенија, додека прашањето за воведување на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд не треба да се третира како табу.
Без парцијално отворање на Уставот
Гаши беше дециден дека воведувањето на уставна жалба и какви било други интервенции во највисокиот правен акт се сериозни политички прашања за кои е неопходно двотретинско мнозинство во Собранието.
Тој нагласи дека не поддржува „парцијално отворање” на Уставот, бидејќи таквиот пристап кон оваа чувствителна материја може да отвори низа други политички барања. Според собранискиот спикер, доколку се пристапи кон уставни измени, тоа мора да се направи преку поширока политичка и општествена дебата.
Бадентер во Уставен суд – тема за експертска анализа
Во однос на идејата за примена на Бадентеровиот принцип при одлучувањето во Уставниот суд, Гаши оцени дека оваа тема не треба да биде табу. Сепак, тој посочи дека прашањето треба внимателно да се разгледа и од политички и од експертски аспект, при што фокусот мора да остане на примарната улога на судот – заштитата на уставноста.
Реформска агенда и закони за обвинителството
Претседателот на Собранието информираше дека законодавниот дом работи експедитивно на реформската агенда. Во моментов пред пратениците се разгледуваат две клучни законски решенија:
- Закон за јавни обвинители;
- Закон за Советот на јавните обвинители.
Гаши најави дека наскоро се очекува Владата да достави и други законски решенија поврзани со реформите.
„Вреди“ се обединува, кадровските промени на чекање
Во однос на политичките случувања во владејачкото мнозинство, Гаши посочи дека кадровските прашања во извршната власт ќе се разгледуваат откако ќе финализира процесот на обединување на коалицијата „Вреди“ во една политичка партија. Засега нема информации за формирање на нови пратенички групи во Собранието.
Нови вицегувернери на 8 април
Собранискиот спикер информираше и за тековните именувања. Еден кандидат за член на Судскиот совет е повлечен поради неисполнување на условите, поради што ќе биде распишан нов конкурс.
Од друга страна, на седницата закажана за 8 април, се очекува пратениците да одлучуваат за изборот на новите вицегувернери на Народната банка.