Брутален напад кај Мостар: Маскирани лица пресретнале и запалиле автомобил, возачот претепан

14

Тежок инцидент ја вознемири јавноста во Босна и Херцеговина утрово, откако група маскирани лица извршија брутален напад врз возач на патничко возило на магистралниот пат М-17, на самиот влез во Мостар, кај населбата Потоци (Бијело Поље).

Според видеоснимките од местото на настанот, неколку лица со бели „фантомки“ на главите го блокирале патот и принудно го запреле возилото среде сообраќајницата. Напаѓачите, вооружени со палки, најпрво започнале да го кршат автомобилот, а потоа и физички го нападнале возачот.

За време на нападот биле користени и пиротехнички средства. Напаѓачите фрлиле факели во возилото, што според првичните информации, предизвикало пожар во кој автомобилот е целосно оштетен.

Полициска истрага во тек

Инцидентот беше потврден за медиумите од страна на Оперативниот центар на Министерството за внатрешни работи на Херцеговско-неретванскиот кантон (МВР ХНК).

„Полициските патроли веднаш беа упатени на местото на настанот, а увидот е во тек. За целиот случај е известен и дежурниот кантонален обвинител“, соопштија кратко од полицијата.

Непознати мотиви

Засега нема официјални информации за степенот на повредите на нападнатото лице, ниту за мотивите зад овој насилен чин. Напаѓачите по инцидентот побегнале во непознат правец.

Повеќе детали околу идентитетот на сторителите и околностите на настанот се очекуваат по завршување на криминалистичката истрага.

Македонски