Трендафилов: Ако се срамат од сиромаштијата, нека зголемуваат плати, а не нека се борат против податоците
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, упати остра порака до надлежните дека наместо да се борат против податоците за сиромаштијата, треба да ги зголемат платите на работниците.
Трендафилов потсети дека една третина од работниците во Македонија, и покрај тоа што работат и примаат плата, живеат во сиромаштија бидејќи нивните примања се под 30.000 денари, односно под прагот на сиромаштија кој изнесува 31.200 денари.
Животот поскапува, усогласувањето недоволно
Лидерот на ССМ укажа на драстичниот јаз меѓу растот на трошоците за живот и предложеното усогласување на минималната плата.
„За три месеци животот поскапа за околу 2.500 денари, за три месеци цената на нафтата за литар поскапа за 27,50 денари или за без малку 50 отсто зголемување, а тие минималната плата ќе ја усогласувале за 1.667 денари”, порача Трендафилов.
Со ова, претседателот на ССМ уште еднаш го потврди ставот на синдикатот дека законското усогласување е целосно недоволно и не го покрива ни реалниот раст на трошоците за живот, повторувајќи го барањето за минимална плата од 600 евра.