Истражување на ЦГК: Народни кујни со прескапа храна, 51 анекс за една реконструкција и експерти со хонорари до 23.000 евра месечно

18

Центарот за граѓански комуникации објави истражување кое открива сериозни слабости во системот на јавни набавки — од прескапи оброци во народните кујни, преку незаконски анекси на градежни договори, до експертски хонорари кои достигнуваат 23.000 евра месечно.

Контролата и транспарентноста мора да се зајакнат

Истражувањето „Јавен надзор над јавните набавки: Студии на случај (издание бр.1)” се базира на јавни податоци, „црвените знаменца” на Бирото за јавни набавки и консултации со граѓаните. Анализата издвојува три најкритични тендери каде заштитата на јавните пари не била приоритет, а спроведувањето на договорите отстапувало од законските услови.

„Овие студии на случај ги откриваат слабостите во системот на јавни набавки и покажуваат дека контролата и транспарентноста мора да се зајакнат”, оценуваат од Граѓанскиот ресурсен центар.


Народни кујни во Скопје: Храна по 239 денари, но недоволни оброци

Тендерот за обезбедување оброци за корисниците на народните кујни, вреден 1,5 милиони евра, покажува повеќе неправилности. Според анализата, договорот не се спроведува во согласност со условите од тендерската документација, што е спротивно на Законот за јавни набавки.

Клучните наоди:

  • Храната се дели директно на улица на 7 од 9 локации, иако документацијата предвидува соодветен простор
  • Оброците, платени по 239 денари, се значително поскапи од малопродажните цени на производите
  • Во одредени денови недостигале супа, овошје и сирење, а испорачаните количини не биле според договорот
  • Комбињата се задржуваат само 15 до 30 минути на секоја локација, наместо предвидените два часа

Како илустрација, истражувањето посочува дека храната за два дена во викенд за едно лице содржи: 2 лепчиња, 2 јајца, 2 кисели краставички, 1 павлака и 1 паштета — по вкупна цена од 478 денари според договорот.


Реконструкција на објект: 51 анекс, 10 во еден ден

Реконструкцијата на поранешниот објект на Комерцијална банка, првично планирана да чини 6,6 милиони евра и да трае 18 месеци, сè уште не е завршена по речиси три години.

Анализата открива дека Службата за општи и заеднички работи и градежната компанија склучиле вкупно 51 анекс на основниот договор, од кои 10 само во еден ден.

  • Вредноста на договорот со анексите се зголемила за 2,1 милион евра, односно за 32 отсто повеќе од првично договорената сума — над законски дозволените 20 отсто
  • Кусоци во вредност од 1,1 милион евра не се одземени од основниот договор, туку се бара нивна пренамена, што е спротивно на законот

Експерти за Коридорите 8 и 10д: Хонорари до 23.000 евра месечно

ЈП за државни патишта склучило договор вреден 3,8 милиони евра за ангажирање на 13 експерти, со месечни хонорари кои се движат од 13.000 до 23.000 евра по лице.

„Најголемиот дел од експертите ќе работат само половина од времето, но државата сепак ќе ги плаќа како да се целосно ангажирани”, наведува ЦГК.

Посебно внимание привлекува случајот на експертка од проектната единица за имплементација на проекти на Светска банка, која во Министерството за транспорт прима 1.600 евра месечно, додека како експерт за државни патишта ќе добива 15.600 евра месечно — десет пати повеќе.

Линк до целото истражување

Македонски