Галетановски: Потребен е голем функционален шелтер за жени жртви на семејно насилство – безбедноста не смее да биде само ветување

16

Советникот Ѓорѓи Галетановски повика за итно отворање голем и целосно функционален шелтер за жени жртви на семејно насилство – вистински „Safe House” од најмалку 200 до 300 квадратни метри, со вработени стручни лица и 24-часовно обезбедување. Реакцијата доаѓа по последната трагедија во Тафталиџе, во која мајка и нејзината шестгодишна ќерка го загубија животот.

„Не простор од 30 квадрати, туку објект што спасува животи”

Галетановски нагласи дека постоечките капацитети за засолнување на жртвите на семејно насилство се целосно недоволни и побара објект кој ќе биде соодветно опремен и подготвен за итен прием.

Според неговиот предлог, шелтерот треба да вклучува:

  • Вработени социјални работници и психолози за континуирана стручна поддршка
  • Call центар директно поврзан со полицискиот број 192
  • 24-часовно агенциско обезбедување за физичка безбедност на жртвите

„Секоја нападната жена мора веднаш да има каде да се засолни”

Галетановски посочи дека многу жени остануваат присилно во домови каде секојдневно живеат во страв, надевајќи се дека „утре ќе биде подобро”, но за некои од нив тоа утре никогаш не доаѓа.

Секоја нападната жена мора да има веднаш каде да се засолни. Без да чека десет кривични пријави. Без да моли. Без да ризикува да стане уште една трагична вест, порача Галетановски.

„Заштитата на жените не е трошок – тоа е должност”

Тој нагласи дека и градот и државата располагаат со доволно ресурси, но дека недостига политичка волја за нивно насочување кон заштита на жртвите.

„Заштитата на жените не е трошок – тоа е должност. Време е безбедноста да биде реалност, а не само ветување”, заклучи Галетановски.

Македонски