473 македонски државјани побарале помош од амбасадите – МНР разгледува можности за евакуација

18

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека од почетокот на конфликтот до денес вкупно 473 македонски државјани контактирале со дипломатско-конзуларните претставништва во Тел Авив, Доха и Абу Даби. Евакуација засега не се препорачува по копнен пат, но активно се разгледуваат можности за безбедно извлекување штом се создадат услови.

Најмногу пријавени од ОАЕ и Катар

Според податоците на МНР, македонските државјани кои побарале помош или се пријавиле кај дипломатско-конзуларните претставништва се распоредени на следниов начин:

  • Обединети Арапски Емирати (Абу Даби): 348 лица
  • Катар (Доха): 106 лица
  • Израел (Тел Авив): 19 лица
  • Кувајт: 18 лица
  • Бахреин: 12 лица

Евакуација по копнен пат засега не се препорачува

Според информациите добиени од надлежните власти, засега не се препорачува евакуација по копнен пат за македонските државјани кои се наоѓаат во Катар и во Обединетите Арапски Емирати.

„Евакуацијата ќе започне во првата безбедна прилика, а веќе се разгледуваат можностите за нивно безбедно извлекување штом се создадат соодветни услови”, соопштија од МНР.

Во однос на граѓаните кои се наоѓаат во Израел, Министерството активно ги анализира можните алтернативи за нивно безбедно извлекување од државата.

Апел до граѓаните

МНР уште еднаш апелира до македонските државјани редовно да ги следат предупредувањата и насоките на локалните надлежни органи. На 24-часовно располагање остануваат дежурните телефонски линии на кризниот штаб при Министерството, како и контактите на дипломатско-конзуларните претставништва.

Јавноста ќе биде навремено информирана за сите дополнителни активности и развој на состојбата.

Македонски