По 12 години и двојно повисока цена никако да се изгради автопатот Кичево-Охрид

3

Автопатот во должина од 57 километри почна да се гради во 2014 година, а досега се пуштени 40-ина километри и тоа делниците Врбјани–Ботун и Климештани–Охрид, додека другиот дел сè уште е во изградба. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ изминативе две години ветуваше дека целата автопатска делницата ќе биде завршена до крајот на 2026 година. Но според последните најави, тоа нема да се случи оваа година. Со усвоените законски измени во Собранието се предвидува нов анекс на Договорот со кој рокот за завршување на автопатот се пролонгира до 31 мај 2027 година. Со овој документ се предвидуваат и дополнителни 186 милиони евра, со кои изградбата на автопатот достигнува фантастични 784 милиони евра, па излегува дека еден километар од автопатот ќе чини 13,7 милиони евра, пишува Вистиномер.

Министерот за транспорт и врски Александар Николоски на почетокот на јули 2024 година (набрзо по изборот на функцијата – 23 јуни 2024), најави целосно откочување на работите на автопатот Кичево–Охрид и негово завршување до крајот на 2026 година:

„Во однос на изградбата на автопатот Охрид–Кичево има бројни проблеми. Ние ги детектираме во моментов. Дел се поврзани со експропријација, дел се поврзани со проектирање на косини, дел се поврзани со објекти коишто се на самата траса, пред сè бензински пумпи коишто треба да се дислоцираат, а се на самата траса. Она што можам да кажам е дека како ќе правиме, ќе правиме,  ветувањето што го дадовме дека до крајот на 2026 година ќе има функционален автопат, тоа што го напишавме во нашата програма, ќе го реализираме и до крај на 2026 година Охрид–Кичево ќе биде завршен.“

[Извор: Официјален Фејсбук профил на министерот Александар НиколоскиТајм.мкДенар; Датум: 10.07.2024]

Образложение:

Ветувањето дека автопатот Кичево-Охрид ќе биде готов до крајот на 2026 година министерот Николоски го даде на 10 јули 2024 година при посетата на Градежниот факултет по повод одбележувањето 75 години постоењето на оваа високообразовна институција.

„Она што можам да кажам е дека како ќе правиме, ќе правиме, но ветувањето што го дадовме дека до крајот на 2026 година ќе има функционален автопат, ќе го реализираме“, уверуваше тогаш министерот.

Тој истото го кажа и во септември 2024 година во интервју за неделникот Фокус, истакнувајќи дека до крајот на 2026 година граѓаните ќе возат по новиот автопат Кичево-Охрид.

„Има бројни проблеми, но реков дека нема да ја заморувам јавноста со проблеми, зашто јавноста е уморна од изговори, но она што може да го кажам дека зборот ќе го држиме и до крај на 2026 година ќе имате функционален автопат Охрид-Кичево“, кажа Николоски

Ова ветување е дел и од предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ со која партијата излезе на парламентарните избори во мај 2024 година, „Платформа #1198 – Македонија повторно твоја“(стр.65):

„ЗАВРШУВАЊЕ СО ИЗГРАДБА НА АВТОПАТОТ КИЧЕВО–ОХРИД
Во 2014 година започна да се гради комплетно нов автопат во должина од 57 километри од Кичево до Охрид. За само две години, тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ успеа да стигне до реализација од 51%.

Во мандатот на идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде целосно изграден овој автопат и истиот ќе биде пуштен во употреба за граѓаните на Македонија.
Рокот на реализација е до крајот на 2026 година.“

Сепак, онака како што сега стојат работите автопатот Кичево-Охрид нема да биде готов годинава.

Собранието деновиве (25.02.20) по скратена постапка ги изгласа дополнувањата на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево–Охрид. Со овие законските измени се предвидува нов, осми анекс на Договорот за изградба на автопатот Кичево-Охрид, што ќе го потпишат Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) и изведувачот кинески „Синохидро“, а кој треба да овозможи завршување на градежните работи на автопатот до јуни идната година (2027). Со овој документ се предвидуваат и дополнителни 186 милиони евра, а ревидираниот краен рок за завршување на автопатот е 31 мај 2027 година, со којшто се обезбедуваат уште 151 ден за добивање употребна дозвола на автопатот.

Историска изградба 

Автопатот во должина од 57 километри почна да се гради пред 12 години, а досега се пуштени 40-ина километри и тоа делниците Врбјани – Ботун (20 километри) и Климештани – Охрид (17 километри), додека другиот дел сè уште е во изградба. За изградбата првично беа планирани 374 милиони евра, но со анексите што се редеа низ годините чинењето на автопатот драстично се зголеми и досега се реализирани 557.985.782,11 евра или 93,3 отсто од предвидената сума за изградба на автопатот Кичево-Охрид, пишува Радио Слободна Европа (РСЕ) повикувајќи се на последните податоци од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП). Ако досега исплатената сума е 93,3 отсто од предвидената, тогаш финалната, според досегашните проекции требаше изнесува 598.055.500 евра. Ако на оваа сума од околу 598 милиони евра, се додадат  и 186 милиони евра од новиот – осми анекс, изградбата на автопатот достигнува фантастични 784 милиони евра, што е за повеќе од двојно, односно за над 400 милиони евра ги надминува првично проектираните 374 милиони евра. Делницата Кичево-Охрид е со вкупна должина 57 километри, па излегува дека со последниот анекс еден километар од автопатот ќе достигне 13,7 милиони евра.

Дополнителните финансии, според министерот Николоски, се наменети за работи кои не биле предвидени во првичниот проект. Образложувајќи ги законските измени во матичната собраниска комисија, тој изјави дека со овие средства ќе се стабилизираат свлечиштата преку изградба на 14 галерии, ќе се постави заштитна ограда по европски стандарди и ќе се изгради контролен центар за тунелите.

„Интензивно се работи на проектот, задоволен сум со динамиката што ја има и со овој анекс конечно ќе го завршиме автопатот Кичево–Охрид“уверуваше Николоски на седницата на собраниската комисија. 

Автопатот Кичево-Охрид започна да се гради во февруари 2014 година, во времето на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ и според првичните планови тој требаше да биде готов до февруари 2018 година. Но, изградбата се пролонгираше, а во меѓувреме се смени власта – ја презема СДСМ. Следеше препроектирање и допроектирање на недостатоците во проектната документација. Со анекси на Договорот рокот за изградба најнапред беше продолжен до 30 јуни 2021, а потоа беше повторно пролонгиран за уште две години, односно до крајот на 2023 година. Во февруари 2024 година пред автопатот се испречија и 13 нови свлечишта …. Неколку месеци подоцна, на 23 јуни 2024 година ВМРО-ДПМНЕ повторно дојде на власт и вети дека автопатот ќе биде завршен до крајот на 2026 година.

Но според последните најави, сепак тоа нема да се случи оваа година. Со усвоените законски измени во парламнетот се предвидува нов анекс на Договорот со којшто се овозможува рокот за завршување на автопатот да се пролонгира до 31 мај 2027 година. Така што ветувањето на Николоски и неговата ВМРО-ДПМНЕ го сметаме за недоследно.

Македонски