БИРН: Српски врски и во други македонски компании за канабис
Српската наркошверцерска мрежа од Крушевац пенетрирала во легалниот бизнис со канабис во Македонија многу подлабоко отколку што покажуваат досегашните објавени сознанија од истрагите, поврзани со нелегалниот транспорт на пет тони марихуана кон северниот сосед, открива БИРН.
„Нашите теренски информации и разговорите со лица што имале контакт со групата покажуваат дека не станува збор само за локални операции, односно дека мрежата гравитира околу луѓе со бизнис-интереси што се протегаат надвор од Балканот. Последниот случај само ги потврдува слабата контрола и недостатоците на системот, за што БИРН повеќепати пишуваше, како бизнисот со марихуана е магнет за инвеститори, неретко со криминално минато, во потрага по брз профит. Еуфоријата околу овој релативно нов и исклучително лукративен бизнис, надополнета со ограничените знаења за легалното одгледување и слабата државна контрола, резултираше со огромни количества неквалитетен цвет за фармацевтскиот пазар и податлив плен за играчите на црниот пазар“, пишува БИРН.
Како што се наведува во текстот, скопска компанија „Алфафарм“, има седум основачи, но интересни се двајца: Иван Драгниќ од Крушевац, Србија, и македонскиот државјанин Драган Крстев.
„БИРН открива дека овие двајца, во одреден период, одделно биле во управувачките структури и на други македонски компании за канабис, кои засега не се спомнуваат во официјалните соопштенија за истрагите. Членот на шверцерска група Иван Драгниќ, кој според српското обвинителство е осомничен дека ја прифатил марихуаната на српска територија, до пред само три месеци бил директор на сосема друга компанија за одгледување медицински канабис, струмичката „Лајтинг лукс.“ Интересно е што оваа фирма ВМРО-ДПМНЕ, и како опозициска, и како владејачка партија, ја поврзуваше со луѓе од поранешниот политички врв на СДСМ. Во мај 2024 година, струмичанката Славица Котева и нејзиниот бизнис-партнер, Холанѓанецот Теодорус Петрус Бернардус Воутерс, во „Лајтинг лукс“ го поставуваат Драгниќ за управител“, објавува БИРН.