Загрижувачки податоци: Речиси секој седми ученик на возраст од 13 до 15 години користи тутунски производи
Вкупно 13,6 отсто од учениците на возраст од 13 до 15 години во земјата користат тутунски производи – што е највисока досега регистрирана преваленца, покажува најновата анкета спроведена во 75 училишта со учество на околу 4.700 ученици. Употребата на електронски цигари е повеќе од двојно зголемена во споредба со 2016 година, а повеќе од половина од младите се изложени на чад од тутун во сопствените домови.
Електронските цигари – двојно зголемување
Министерот за здравство Азир Алиу ги презентираше клучните наоди од истражувањето, кое ги опфаќа учениците од седмо до деветто одделение:
- 13,6 отсто моментално користат некаков тутунски производ – највисока регистрирана стапка досега
- 9 отсто користат електронски цигари – повеќе од двојно зголемување споредено со 2016 година
- 57 отсто биле изложени на чад од тутун во домот
- 55,4 отсто биле изложени на чад во затворени простории
- 73,2 отсто од младите кои пушат не биле спречени да купат цигари поради нивната возраст
ИЈЗ: Бројките се разочарувачки
Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, ги оцени резултатите како загрижувачки и разочарувачки, издвојувајќи три клучни заклучоци.
„Прво, употребата на никотин кај младите останува предизвик и треба да биде приоритет во нашите политики. Второ, никотинските уреди земаат голем замав, особено кај адолесцентите. И трето, пасивното пушење и влијанието на рекламите продолжуваат да бидат сериозен проблем”, изјави Андоновска.
СЗО: Време е да се заштити иднината на децата
Претставникот на Светската здравствена организација во земјата, Аким Али, ја нагласи важноста на Законот за заштита од пушење, кој особено ги штити децата, бремените жени, постарите лица и работниците.
Тој посочи дека ваквата легислатива ги намалува хоспитализациите, случаите на мозочен удар и смртноста од кардиоваскуларни заболувања, а истовремено создава услови за поголема посетеност на просториите без чад и придобивки за услужната индустрија.
„Време е да се заштити иднината на децата. Ниту еден простор не може да се смета за приватен доколку вработените и децата се изложени на чад од цигари”, нагласи Али.