Љупчо Балкоски за новиот предлог-Закон за високо образование: Монополизација или модернизација?

39

Предлог-законот за високо образование продолжува да генерира остри реакции од академската заедница и опозицијата, кои предупредуваат дека предложените решенија водат кон монополизација и директно партиско влијание над универзитетите и науката, наместо кон европски стандарди и академска извонредност.

Поранешниот пратеник и генерален секретар на ВМРО-Народна партија, Љупчо Балкоски на својот „Фејсбук“ прашува: Дали новиот предлог-Закон за високо образование носи монополизација или модернизација на високото образование?

Дали Владата преку новиот Закон за високо образование сака да воведе монопол и директно партиско влијание над образованието, универзитетите и науката?
На Шангајската листа на најдобри универзитети не се стигнува со монополизација и ограничувања, туку со : Европски услови во студирањето на студентите, квалитет во институциите, почитување на критериуми, подршка на младите научни кадри, подршка и ангажирање на научниците и наставниот кадар што се образувал во странство и се враќа во земјата, правилна конкуренција, размена на искуства и знаења и зголемена автономија на универзитетите.
Во универзитетските средини, владеачките партии не треба да функционираат и контролираат, таму првенствено треба да има слобода на научна мисла, со постигнување на научни и образовни резултати со кои ќе се промовира научната и високообразовна дејност во државата и светот.
Дебатата за предлог-законот се очекува да се интензивира во наредниот период, додека јавните расправи на универзитетите сè уште траат. Останува отворено прашањето дали конечниот текст ќе ги инкорпорира забелешките на академската заедница или ќе биде усвоен во сегашната форма, која, според критичарите, повеќе ја ограничува отколку што ја унапредува универзитетската автономија.
Македонски