Тошковски за запленетите пет тони марихуана: Прашањето е како дрогата влегла во Србија, а не како излегла од Македонија
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски синоќа даде појаснување околу случајот со пет тони марихуана запленети во Србија, нагласувајќи дека фокусот на истрагата не е на излезот од Македонија, туку на начинот на кој дрогата влегла на територијата на соседната држава.
Министерот Тошковски го објасни механизмот на гранична контрола, повикувајќи се на договорот „One Stop Shop” со Србија, според кој секоја страна е надлежна за контрола на влезот на својата територија.
„Македонските полициски службеници го штитат влезот во Македонија, додека српските го контролираат влезот во Србија. Значи, не е прашањето како излегло од Македонија, туку како влегло во Србија”, изјави Тошковски за емисијата „Клик Плус” на ТВ21.
Тој додаде дека ова прашање е во надлежност на МВР, додека надлежноста на другите институции ќе се утврдува во текот на истрагата.
Заедничка истрага со српските власти
Министерот потенцираше дека соработката со српските власти е во рамките на билатералниот договор и дека континуирано се водат заеднички активности за утврдување на целокупниот пат на дрогата и идентификување на сите лица и криминални структури поврзани со нелегалниот промет.
Тошковски најави дека МВР продолжува со засилени контроли и активности на граничните премини со цел спречување на слични случаи во иднина и обезбедување континуирана безбедност на државната територија.