Советот на Општина Центар едногласно ја одби техничката исправка на планот за локалитетот кај „Нова Македонија”

Сите 23 советници на Општина Центар гласаа за недонесување на одлуката за техничка исправка на Деталниот урбанистички план за дел од локалитетот Буњаковец 1, на локацијата кај поранешната печатница „Нова Македонија", соопшти Општината.

8

На денешната седница на Советот, предлог-одлуката за техничка исправка на планот за градежните парцели ГП 13.1 и ГП 13.11 беше одбиена со гласовите на сите 23 присутни советници, и покрај претходното позитивно мислење на Комисијата за урбанизам на Општината.

Според законската дефиниција, техничката исправка на донесен урбанистички план не подразбира измени во планирањето или во параметрите на планот, туку исклучиво корекција на грешка во техничкиот дел на исцртувањето. Во конкретниот случај, градежната парцела во мал дел не била целосно затворена, односно оформена.

Герасимовски: Одлуките мора да бидат во интерес на граѓаните

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, нагласи дека администрацијата ја исполнила својата обврска со ставање на точката на дневен ред и посочување на сите импликации, но дека конечната одговорност ја носат советниците.

„Нема потреба од прозивки, медиумски пиар и театар. Овде станува збор за буџетот на граѓаните, а не за партиски интереси. Советот мора да носи одлуки во интерес на граѓаните, а не за дневнополитички калкулации”, порача Герасимовски.

Македонски