Собранието го продолжува рокот за легализација на дивоградбите до 2031 – опозицијата предупредува на системски неуспех

6

Острa дебата во Собранието околу предлогот за продолжување на рокот за легализација на бесправно изградените објекти за уште пет години, односно до 2031 година. Додека власта тврди дека целта е решавање на постоечките предмети, опозицијата предупредува дека законот, донесен уште во 2011 година, се покажал како нефункционален и дека наместо да го реши проблемот – продуцира нови дивоградби и корупција.

СДСМ: Законот продуцира нови дивоградби

Координаторот на СДСМ, Оливер Спасовски, оцени дека решението за легализација од 2011 година е целосно нефункционално и дека без суштински промени во урбанистичкото планирање и Законот за градење, државата постојано ќе се соочува со нови бесправни градби.

„Ако погледнеме од моментот на престанување на рокот за пријавување во 2011 година до денеска, повторно имаме илјадници дивоградби кои се изградија на територијата на државата”, истакна Спасовски, предупредувајќи дека без системска промена, продолжувањето на рокот е само привремено решение кое го продлабочува проблемот.

Левица: Бесправното градење станува бесмислено кривично дело

Уште поостра критика упати пратеникот на Левица, Реџеп Исмаил, кој посочи дека законот 15 години се изигрува преку едноставна нотарска изјава дека објектот е дивоградба од 2011 година.

„Со ова законско решение практично го правиме бесмислено кривичното дело бесправно градење. Дајте тоа да го укинеме и сите нека градат каде сакаат, а потоа да ги легализираме”, рече Исмаил, додавајќи дека приоритетот на ЗЕЛС е продолжување на законот за „долегализирање на нелегалните градби и изградба на уште повеќе нелегални објекти”.

Власта: Нема можност за нови барања

Од владејачкото мнозинство тврдат дека продолжувањето на рокот не отвора простор за поднесување нови барања, туку исклучиво овозможува завршување на веќе започнатите постапки.

„Не се работи за нови барања, се работи за постоечки барања кои се доставени досега. Има ексклузивно право за завршување на сега почнатите постапки во склад со истиот закон”, образложи Беким Ќоку.

И владејачкото мнозинство признава: Системот не функционира

Пратеникот од владејачката коалиција, Малиша Станковиќ, иако најави поддршка за законското решение, отворено призна дека системот воопшто не функционира.

„Петнаесет години подоцна сè уште имаме нерешени предмети, системот и понатаму не функционира. Ставени во правен вакуум, ние мораме да го продолжиме рокот. Меѓутоа, мораме да бидеме свесни дека системот во државата не функционира. Системот кој не функционирал до 2011 продолжува да не функционира и понатаму”, рече Станковиќ.

Закон стар 14 години – продолжен на вкупно 20

Законот за легализација на бесправно изградени објекти првпат беше донесен во 2011 година. Со усвојувањето на продолжувањето на рокот за уште пет години, односно до 2031 година, овој закон ќе биде на сила вкупно две децении – период кој, според критичарите, јасно покажува дека станува збор за системски проблем што не може да се реши со постојано продолжување на роковите.

Македонски