Панчевски дисквалификуван од трката за државен јавен обвинител

Советот на јавни обвинители утврди дека поранешниот осудуван кандидат нема непрекинат стаж од областа на кривичното право, в.д. обвинителката Тополова-Исајловска доби позитивно мислење

5

Советот на јавни обвинители донесе одлука за дисквалификација на Владимир Панчевски од изборната постапка за нов државен јавен обвинител. Советот утврди дека Панчевски не ги исполнува законските услови пропишани со Законот за јавно обвинителство, со што неговата кандидатура е отстранета од понатамошното разгледување.

Прекинат стаж – клучна пречка

Законот за јавно обвинителство предвидува кандидатот за државен јавен обвинител да има најмалку 10 години непрекинат работен стаж во областа на кривичното право. Советот утврди дека Панчевски не го исполнува овој критериум.

„На кандидатот му престанала функцијата пред 13 години и во меѓувреме не бил ниту судија ниту јавен обвинител. Оттука, тој стаж не може да се смета за непрекинат стаж од областа на кривичното право во смисла на законот”, образложија од Советот.

Кандидат со контроверзно минато

Владимир Панчевски не е непознат за македонската јавност. Тој во минатото беше правосилно осуден за злоупотреба на службената положба и овластувања, поради манипулации со електронскиот систем за автоматска распределба на судски предмети АКМИС. Овој систем е замислен да обезбеди случајна и непристрасна распределба на предметите меѓу судиите, а злоупотребите предизвикаа сериозни сомнежи за интегритетот на правосудниот систем.

Топалова-Исајловска со позитивна оценка

За разлика од Панчевски, актуелната вршителка на должноста државна јавна обвинителка Анита Топалова-Исајловска доби позитивно мислење од членовите на Советот.

Покрај неа, за функцијата се кандидирале уште:

  • Ленче Ристовска – јавна обвинителка
  • Ненад Савевски – судија во Кривичниот суд Скопје
  • Лидија Раичевиќ – обвинителка од скопското јавно обвинителство

Расправата по останатите кандидатури е во тек, а Советот треба да изготви финална листа на кандидати што ќе биде доставена до Собранието.

Последен збор имаат пратениците

Конечната одлука за избор на нов државен јавен обвинител е во рацете на Собранието. За именување е потребно двотретинско мнозинство, односно најмалку 61 глас од пратениците, што значи дека за успешен избор е неопходна широка политичка согласност.

Македонски