Опозицијата бара одговори: Премиерот го користел владиниот авион за приватен одмор на Јадран?
Жестоки реакции од опозицијата предизвикаа информациите за наводно користење на владиниот авион за приватни цели. СДСМ тврди дека премиерот Христијан Мицкоски го користел владиниот авион за патување до Јадранското Море заради одмор, на сметка на даночните обврзници.
Ја оценуваме ситуацијата како „срамна слика за една опиена власт од луксуз, приватен бизнис и тендери”, истакнуваме дека ваквото однесување е неприфатливо во услови кога граѓаните се соочуваат со егзистенцијални проблеми.
Критиките се насочени кон она што СДСМ го опишува како длабок јаз меѓу стандардот на функционерите и реалноста на обичните граѓани.
„Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, додека Владата одбива минимална плата од 600 евра и им крати 40 милиони евра на земјоделците, а премиерот се луксузира врз грбот на народот”, порачаа од СДСМ.
Се повлекува директна паралела меѓу сегашниот и поранешниот премиер Никола Груевски, потсетувајќи на неговите контроверзни набавки.
„Исто како Груевски, кој купуваше очила од 60.000 евра и луксузен мерцедес, Мицкоски има часовници од 60.000 евра и сака да се луксузира со авион”, нагласија од опозицијата.
Дополнително, тие тврдат дека половина од Владата патувала со владиниот авион, а главната дестинација била Будимпешта – градот каде што живее токму поранешниот премиер Груевски.
„Нека се симне Мицкоски, нека ги погледне работниците кои едвај можат да си ги прехранат семејствата”, порачаа организаторите на протестот.
Клучни прашања без одговор
Опозицијата постави конкретни прашања до премиерот на кои бара јавен одговор:
- Колку ги чинат граѓаните приватните патувања на премиерот со владиниот авион?
- Дали најавеното купување на нов владин авион е мотивирано од потребата за уште повеќе приватни патувања финансирани со народни пари?
Од кабинетот на премиерот засега нема официјална реакција на овие обвинувања.