БИЗАРЕН СЛУЧАЈ ВО ТЕТОВО: Жена пријавена како почината пред 20 години, се појавила во Центарот за социјални работи со новороденче

9

Секторот за внатрешни работи Тетово истражува мистериозен и бизарен случај кој ги вознемири вработените во локалниот Центар за социјални работи. Вчера (12 февруари), тројца вработени во оваа институција во полиција пријавиле сомнеж за сторено кривично дело „фалсификување исправа“, откако се соочиле со документација според која мајка на новороденче официјално се води како почината веќе две децении.

Мртва во евиденцијата, мајка во реалноста

Според полицискиот билтен, случајот почнал да се расплетува во јануари годинава, кога во Центарот за социјални работи пристигнало известување од Управата за водење матични книги. Во него стоело дека на 8 декември 2025 година, во Клиничката болница во Тетово, 27-годишната А.С. родила женско дете.

Меѓутоа, при обидот за административно регистрирање на новороденчето, службениците во Управата се соочиле со шокантен податок: во нивните евиденции, мајката А.С. е заведена како починато лице на ден 21.10.2006 година.

Се појавила во институцијата, но без лични документи

Откако Центарот испратил неколку покани до семејството за расчистување на случајот, вчера во просториите на институцијата се појавила жената која тврди дека е А.С., придружувана од едно машко лице и новороденото бебе.

Лицето кое се претставило како А.С. дошло со детето, но притоа не приложило никаков документ за идентификација со кој би се потврдил идентитетот или би се објаснило како лицето кое се води за починато пред 20 години сега се јавува како родител,“ велат од СВР Тетово.

Полицијата веднаш започнала со преземање на сите потребни мерки за целосно расчистување на овој заплет. Истрагата треба да утврди дали станува збор за тешка административна грешка во матичните книги, кражба на идентитет или софистицирано фалсификување на исправи со цел остварување одредени права.

Случајот е предаден на понатамошно документирање, а се очекуваат и официјални известувања од болницата и Управата за водење матични книги.

Македонски